Научниците отсекогаш тврделе дека мажите си го менуваат однесувањето кога се во друштво на убава жена со цел да ја импресионираат. Многу истражувања имаат покажано дека мажите преземаат поголеми ризици и прават непромислени работи кога во нивна близина има привлечна претставничка на понежниот пол.
Ново истражување покажа дека мажите стануваат повеликодушни, погрижливи и помили кога во нивна близина има убава жена. Од друга страна, жените не чувствуваат потреба да изгледаат повеликодушни кога се во друштво на привлечен маж.
Истражувачите побарале од 65 мажи и 65 жени да играат игра во која донираат пари во заеднички фонд. Ниту еден од учесниците не можел да ги види соиграчите, но можел да види кој е негов набљудувач. Набљудувачот бил или привлечен маж, или привлечна жена.
Резултатите покажале дека мажите донирале за 28% повеќе парични средства кога ги набљудувала привлечна жена, додека жените донирале исто, без оглед на тоа кој ги набљудувал.
Во друг експеримент мажи можеле да направат јавна донација додека биле набљудувани од маж или жена. Кога набљудувала жената, мажите се натпреварувале кој ќе направи поголема донација, а кога ги набљудувал мажот, немало таква појава.
Во трет експеримент мажите биле запрашани дали би издвоиле време за да волонтираат во некоја хуманитарна организација. И во овој случај присуството на жена влијаело попозитивно, односно мажите биле посклони да прифатат таква понуда.
Венди Ајридејл, која го водела истражувањето, го споредила однесувањето на мажите со отворањето на екстравагантната опашка на пауните кога се додворуваат.
„Машкото очигледно покажување, како купување на скап автомобил, со цел импресионирање на жените е добро документирано, но сепак, ваквите постапки едвај кажуваат дека овие мажи се богати. Јавната донација е помоќен сигнал, затоа што покажува дека мажот поседува ресурси и е склон да ги сподели“ – изјавила Венди.