Шамсија Хасани се смета за првата улична артистка од Авганистан.
Преку својата работа, 33-годишна девојка ја прикажува положбата на жената во општество доминирано од мажи и се обидува да ја долови борбата со темнината која ја обвива нејзината татковина.
На своите графити и слики, Шамсија прикажува жена со затворени очи и без уста. „Таа е со затворени очи и без уста, понекогаш со оштетен музички инструмент, кој ѝ дава моќ и самодоверба да зборува и да свири. Нејзините затворени очи укажуваат дека нема ништо добро да се види тука. Таа избира да игнорира сè за да може да чувствува помалку тага“.
Во 2010 година, Хасани посетувала курс за графити и инстантно се заљубила во овој начин на изразување на уметноста. „Многу ми се допадна и сметав дека може да се користи на повеќе начини. Верував дека графитите може да бидат алатка преку која ќе ги претворам ѕидовите уништени од војната во колоритна уметност. Боите ќе ги прикријат приказните за војна и насилство на ѕидовите и луѓето ќе можат да гледаат нови нешта, наместо дупки од куршуми“ – вели таа.
Кратко време откако Шамсија започнала да црта графити, состојбата во државата се влошила и таа не можела толку слободно да ја пренесува својата порака.
„На почетокот, сликав жена со бурка, и бурката беше симболот за жена. Но, потоа ја променив. Сакав да претставам нова жена во општеството“ – објаснува Хасани.
„Жената која ја прикажувам во мојата работа е сама, се соочува со многу проблеми, но сè уште е силна. Луѓето ми велеа дека ја отстранив бурката, бидејќи не сакам бурка. Но, проблемот не е во бурката. Слободата не доаѓа со соблекувањето на бурката. Слободата доаѓа со мирот. Дури и ако ја соблечеш бурката, сè уште ќе се соочуваш со проблеми, како неможноста да добиеш образование, нерамноправноста и немањето право да носиш одлуки. Дури и да ја отстраниш бурката, ништо нема да се промени“ – дополнува таа.