Знамиња на повеќе држави се вееја денеска на плоштадот Македонија каде се собраа илјадници мажи, жени и деца, кои со радост го чекаа појавувањето на папата Франциск.
Светата литургија обедини на едно место лица со различна етничка и религиозна припадност. Меѓу странците, најбројни беа Хрватите, но исто така имаше и посетители од Србија, Црна Гора, Словенија, Косово и Албанија.
Врховниот свештеник уште пред да стапне на македонско тло испрати порака за сплотување без оглед на различностите. „Всушност, посебната убавина на вашата земја се должи на различните култури, етникуми и религии што живеат во неа. Секако дека соживотот не е секогаш лесен, го знаеме тоа, но вреди да се вложи тој напор, бидејќи најубавите мозаици се тие што имаат многу бои“ – порача тој.
Во својот говор во „Вила Водно“, Папата истакна: „Овде всушност, различната верска припадност на православни, муслимани, католици, евреи и протестанти, како и етничката припадност на Македонци, Албанци, Срби, Хрвати и други создаваат мозаик во кој секое камче е неопходно за оригиналноста и убавината на целата слика. Убавина која ќе го достигне својот најголем сјај кога ќе можете тоа да го пренесете и да го всадите во срцата на новите генерации.“
Фото: Филип Вирановски / Femina.mk