Пчелите се фасцинантни инсекти со витална улога во одржувањето на екосистемите на планетата. Нивното зуење знае да нè сепне и да нè поттикне инстинктивно да мавтаме со рацете, нивната работливост нè инспирира, течното злато кое го создаваат нè лекува, а помислата дека може да исчезнат треба да нè алармира.
Застрашувачки е да се замисли свет без пчели, а глобалното опаѓање на популацијата на најтрудољубивите инсекти нè предупредува дека сме тргнале во таа насока. Токму затоа, пчеларството станува сè поважна и поважна професија.
Имајќи ја на ум важноста на пчелите, а љубопитни да дознаеме што повеќе за нив, поразговараме со Нацо Јовчевски, млад пчелар со богато искуство, чиј
Вредниот младич, кој неодамна го привлече интересот и на „Вог“, со огромна љубов и амбициозност одгледува милиони пчели, ја споделува страста за пчеларството со неговите гости и ги одушевува со органските пчелни производи.
Со пчеларство се занимаваш од твојата 16-та година. Што те поттикна да ги засакаш пчелите и да започнеш да гледаш на пчеларството како професија?
Нацо
- Почетокот со пчеларството беше случајност. Дедо ми живееше во Мариово, беше ловочувар и цело време беше на терен. За Мариово е карактеристично што има многу пчелари, многу камења и е многу топло. Во камењата насекаде каде што ќе најдеше дупка во голем камен, дедо ми ставаше плоча, ја премачкуваше со измет од говеда и оставаше една дупка за да можат пчелите да влезат. Вообичаено во пролет или на почетокот на летото, кога е роењето, тие природни роеви пчели, во филмот „Медена земја“ прикажани како диви пчели, влегуваат во такви живеалишта. Дедо ми секоја година викаше некој пчелар да ги земе пчелите, а нему да му го остави само медот. Таа година, јас отидов со него да му помогнам да го извадиме медот и така целата приказна започна со тоа семејство пчели за сега да имам околу 400 сандаци и да ми е основна дејност.
Грижата за овие неуморни инсекти сигурно те научи многу за нив. Кој е најинтересниот факт за пчелите кој сметаш дека многумина не го знаат?
- Најинтересен факт е тоа што ако изумрат пчелите, остануваат уште четири години живот за луѓето, бидејќи 80% од опрашувањето на растенијата го вршат пчелите. По четири години, ќе има недостаток на храна.
Пчелите се неверојатно софистицирани и организирани. Може ли да ни откриеш нешто повеќе за нивниот живот?
- Пчелите се најдобро организираната заедница во природата, бидејќи кај нив се знае според возраста точно кој што треба да работи. Моментално е активна сезона. Во сандакот има 30-40 илјади пчели. Од нив, 10% се трутови, т.е. 3-4 илјади се трутови и една матица. Матицата сега дневно неси од 2 до 3 илјади јајца, што е 2-3 пати повеќе од нејзината телесна тежина. Се храни исклучиво со млеч, на што се должи нејзината продуктивност и долгиот век. Пчела-работничка во овој период живее само 40 дена додека матицата живее 4 години.
Како што за нас нова година започнува на 1 јануари, за пчелите започнува на 1 август. Бидејќи сме на високо потпелистерско место, матиците престануваат со несење на јајца отприлика во октомври. Пчелите родени во периодот од август до октомври ќе живеат шест месеци, бидејќи нема толку да работат. Тоа се тие пчели што ќе ја поминат зимата, па во февруари ќе ги одгледаат и првите пчели што ќе ја започнат новата сезона.
Пчелите имаат и совршен систем за ориентација.
Сигурно имаш многу интересни стории поврзани со пчелите. Која случка ти е највпечатлива?
- Тука, на овој пчеларник, секоја пролет доаѓа мечка со две мали мечиња, го зема сандакот како човек, го јадат медот и си продолжува.
Пестициди, паразити, климатски промени... Пчелите имаат многу непријатели. Која е најголемата закана за пчелите кај нас?
- Сите наведени. За климатските промени, ние како поединци, како пчелари, па и како население, не можеме ние да влијаеме многу. Меѓутоа со примената на пестициди, можеме да промениме многу, а малку се работи на тоа. Многу е ниска свеста и кај земјоделците и на повисоко ниво во институциите. Да ја земеме за пример Франција која има составено зелена листа на пестициди кои смеат да се користат, тоа се пестициди кои не ги убиваат пчелите. А кај нас често се случува на плантажи, како плантажи со вишни, да се испрскаат дрвјата токму во цветот, т.е. кога има активно цветање и сите пчели кои биле на тие плантажи да изумрат. Тогаш во сандакот остануваат само младите пчели кои немаат започнато да општат со природата и настанува пролонгирање на развојот на пчелите за три недели, поточно за 21 ден додека да се роди нова генерација на пчели.
Има ли нешто специфично за пчелите во Македонија?
Нацо
- Во Македонија има автохтон подвид на пчели – Apis mellifera macedonica. Таа пчела гравитира на старата карта на Македонија, тука се адаптирала со векови, па затоа е најдобро да се одгледува тој подвид на пчела. Секој друг подвид што ќе се донесе од други територии, може во прв момент да покаже многу добри резултати, меѓутоа на долгорочен план да има последици.
Нашата автохтона пчела многу добро ја поминува зимата за разлика од другите увезени подвидови на пчели. Пример ќе земам, матицата престанува со несење на јајца во моментот кога ќе прекине изворот на нектар, со што ја штеди храната за да може да ја помине зимата. Матица од друг подвид активно ќе продолжи да несе јајца, ќе ја потроши храната предвидена за зимата и на крајот од зимата угинува поради недостаток на храна.
Помеѓу луѓето и пчелите постои деликатен баланс кој сè почесто го нарушуваме. Тие можат без нас, но ние не можеме без нив. Што може да направи секој од нас за да помогне во одржувањето на популацијата на пчели?
- За почеток, да не се користат пестициди кои ги уништуваат пчелите. Да се користат семиња коишто не се запрашени, уште во самото садење и нормално – на опожарените предели да се садат медоносни растенија. Добар пример е багремот. Дури и да има пожар и да изгори, за две години сам се обновува.
Гласен поборник си за развојот на апитуризмот во Македонија. Што сè ни нуди апитуризмот?
- Апитуризмот нуди едукација, дегустација на пчелни производи и нова авантура, ново доживување. Добар дел од посетителите првпат се среќаваат со пчелите.
Во рамките на твојот пчеларник, правите апитерапија. За што се препорачува и што вклучува?
Нацо
- Тоа е апикомора во која има поставено инхалатор на сандаците за пчели и луѓето вдишуваат воздух директно од пчелните семејства. Тој воздух е здрав за луѓе кои имаат проблеми со астма, сезонски алергии на полен и ред други проблеми со дишните патишта, а делува и релаксирачки врз организмот.
Како ние како потрошувачи да препознаеме квалитетен, вистински мед? Велат дека ако медот се зашеќери е природен. Дали тоа можеме да го земаме како показател?
- Да, правилниот мед треба да кристализира. Во зависност од медот, кристализацијата настанува во различен период. Медот од маслена репа може да кристализира и за две недели, а одреден ливадски мед може да кристализира и за шест месеци. Точно е дека вистинскиот мед ќе кристализира. Но, толку е добро направен фалсификатот, што започна и фалсификуваниот мед да кристализира. За да бидете сигурни во квалитетот, најдобро е да се купува мед од ваш познат пчелар.
Освен течното злато наречено мед, што друго произведувате?
- Од пчелите се добиваат вкупно шест производи: мед, млеч, полен, прополис, восок и пчелин отров. Сега најпознат е пчелиниот отров, бидејќи тој се користи во козметиката и сè повеќе се прават креми, бидејќи тој делува како природен ботокс. Како седми производ е воздухот од пчелите кој се користи за апитерапија.
Прополисот е природен антибиотик и антисептик. Пчелите целата внатрешност од сандакот ја имаат премачкано со прополис, за да не може во него да се развиваат бактерии и паразити. Сите тие пчелни производи се здрави. Затоа, кога ќе се спомне дека некој е настинат, се советува прво да се започне со пчелни производи.
Одгледувањето на пчели и одржувањето на пчеларник отворен за посетители наметнува многу обврски. Како изгледа еден твој типичен ден?
- Во зависност од периодот на годината, секој ден носи различна активност. Да го земам пример овој период, има доста посетители за кои организираме презентации и дегустации на пчелни производи. Исто така, дел од гостите кои сакаат ги вклучуваме директно во работата со пчелите, ги облекуваме во одела, па отвораме сандаци.
Сега веќе е период на вадење на медот и од 6 наутро до кај 10 часот го вадиме медот од сандаците, потоа го носиме на центрифугирање и вечерта ги враќаме рамките. Значи цел ден е исполнет во овој период.
Кој дел од целиот процес на одгледување на пчелите и производство на мед најмногу те исполнува?
Нацо
- Целата работа со пчелите ме исполнува, затоа што со пчелите се работи со љубов. Во спротивно, доколку дојдеш кај пчелите нервозен, со негативна енергија, ќе имаш голем број на убоди.
Фото: Ивона Кочов / Femina.mk
Содржината е изработена како поддршка на иницијативата на UM Скопје за подигање на свеста за важноста на пчелите, во рамките на UM Impact Day.