Бренд преку реални фотографии од мајки прикажува како навистина изгледа телото по породувањето, спротивставувајќи се на она што го гледаме во медиумите.
Водејќи се од фактот дека повеќе од 80% од новите мајки се споредуваат со нереални идеали, Mothercare лансираше кампања која ја слави убавината на секое тело кое создало нов живот во себе. Целта на кампањата „Body Proud Mums“ е да поттикне позитивен разговор и да им помогне на мајките да се чувствуваат самоуверено и гордо во сопствените тела.
„Во срцето на кампањата стои верувањето дека сите мајки се убави. Покрај сè, нивните тела штотуку направиле чудо.“




„Фотографиите прикажуваат реални и неверојатно емотивни искуства при раѓање. Целта е мајките од сите форми и големини да можат да се пронајдат во фотографиите на некаков начин и да се чувствуваат многу посамоуверено со нивните несовршености“ – пишуваат од брендот.
„Повеќе од 80% од мајките во Британија признаа дека си го споредуваат телото по породувањето со нереалистични идеали, а 90% од жените на возраст од 18 до 25 години очекуваат нивните тела да наликуваат на оние на славните и на она што го гледаат во медиумите. Нашата кампања се бори со овој проблем преку користење на нефотошопирани фотографии кои го слават постпородилното тело, охрабрувајќи ги новите мајки да се гордеат и да се чувствуваат удобно во своето тело“ – додаваат тие.
Фотографиите на кои стои натписот: „Прекрасна е, зарем не?“ се дело на фотографката Софи Мејен.





