Деветнаесет месеци по породувањето, Халима Цисе од Мали ги одведе дома своите рекордни ДЕВЕТ бебиња.
Првата деветорка во светот се роди во мај 2021 година, во 30-тата недела од бременоста. Секое бебенце тежеше меѓу 450 и 900 грама, па тие мораа да поминат месеци во инкубатор пред да си одат дома. Сега, нивната здравствена состојба е одлична.
„Има многу работа, но Алах, кој ни го даде овој благослов, ќе ни помогне во нивното растење и грижата за нив“ – рекол нејзиниот сопруг Абделкадер Арби по заминувањето дома.
Кога се породи, Халима имаше 25 години, а докторите сметаа дека носи седум бебиња. Огромно било изненадувањето кога се родиле девет бебиња, кои го срушија Гинисовиот рекорд за најголем број на родени преживеани деца на едно раѓање.
„Деветорките се екстремно ретки и до раѓањето на децата на Цисе, не беа регистрирани случаи на девет родени бебиња одеднаш кои преживеале повеќе од неколку часа“ – пишуваат од организацијата за регистрирање рекорди.
Петте девојчиња и четирите момчиња го прославија првиот роденден во болницата каде што се родија. Парот има уште една поголема ќерка.