Жена напиша текст за огромните притисоци кои ги чувствуваат мајките кои работат, а веднаш стана хит на социјалните мрежи.
Сара Фридбер е мајка на три деца од САД која од сопствено искуство пишува дека општеството има преголеми очекувања од мајките и дека поради тоа, тие се постојано во трчање и под стрес. Чистење, готвење здрави оброци, вежбање, здравствени прегледи, комуницирање со пријателите, состанување со сопругот... Се чини дека обврските на мајките никогаш не престануваат.
Веројатно сите мајки кои работат ќе се пронајдат во текстот на Сара.

Само за информација, во САД жените имаат право на неплатено породилно отсуство само 12 недели.
Општеството до мајките кои работат:
Врати се на работа 6-8 недели по раѓањето на бебето. Бебето кое 9-10 месеци го растеше во твоето тело. Врати се на работа пред да закрепнеш и пред да се поврзеш со твоето бебе. Фокусирај се на работата, а не на твоето малечко беспомошно бебе, за кое се грижи друга личност која не си ти. Скрши го „стаклениот таван“ и издигни се на работното место – можеш да направиш сè што можат мажите! Твоја работа е да му го докажеш тоа на општеството! Покажи му на светот дека жените можат да направат сè. Издигни се на врвот на кариерата.
Исто така, дои најмалку една година. Прави 2-3 паузи дневно на работа за испумпување млеко, но не дозволувај тоа да те исфрли од игра и да те дефокусира.
Исто така, намали ги килограмите добиени во текот на бременоста и врати се во форма колку што е можно побрзо и пограциозно. Оддели си 8 часа за спиење навечер за да можеш да вежбаш, да работиш и да се грижиш за семејството. Но, исто така, разбуди се во 5 часот наутро за да вежбаш освен ако не сакаш да го правиш тоа откако ќе си легнат децата, кога исто така треба да ја исчистиш цела куќа и да го подготвиш животот за следниот ден и знаеш, да спиеш.
Одржувај го домот чист и уреден како за Pinterest. Прибери ги божиќните сијалички. Рециклирај. Биди Дедо Мраз, Велигденско Зајаче, организатор на родендени, придружба за какање (сериозно, кога ќе заврши ова), пронаоѓач на загубени нешта, модератор во кавгите. Биди забавна. Биди издржлива. Читај книги. Организирај забави со танцување.
Прави распоред за целото семејство. Наближува роденден? Купи подароци! Научи ги децата да пливаат, да свират инструмент, да читаат, да возат велосипед, да бидат добри човечки суштества, да јадат зеленчуци, да носат очила за сонце, да пијат доволно вода, да велат „Те молам“ и „Благодарам“. Не заборавај дека во понеделник треба да бидат облечени во омилениот лик и да носат жолто во вторник. Во случај никој да ти го нема ова кажано, ако имаш повеќе од едно дете, ќе мора да купуваш нови обувки речиси секој втор ден. Како и: зимски јакни, шорцеви, панталони кои не се 10 сантиметри пократки. Никогаш повеќе нема да имаш парови чорапи или ракавици за ниту еден член од семејството.
Се сеќаваш на кучето што го вдоми пред да родиш деца? Тоа сега е старо и има потреба од скапа операција. Исто така, има потреба од прошетки, нов кревет и мириса прилично лошо.
Еј! Децата треба да одат на лекарски прегледи. Секој месец додека се бебиња. Секојпат кога се болни. Термини кај специјалисти, особено ако некое од нив има поголеми потреби. Има најмалку два родителски состаноци годишно. Голем дел од родителите извршуваат волонтерска работа најмалку еднаш годишно, би сакала ли да ни се придружиш во правењето ракотворби за децата? Ќе ти одземе само час или два од времето.
Жалам ама немаш повеќе слободни денови од работа, бидејќи сите ги искористи за да ги носиш децата на прегледи или за да ги чуваш дома. Ама препорачливо е да одиш на одмор. Убаво е да се релаксираш и да се исклучиш од работата. Тоа те прави уште подобар работник.
Не заборавај дека децата треба да јадат здрави оброци (И ти исто така! Треба да ги стопиш последните 5 килограми пред да започне летната сезона, така?). Тоа бара планирање на оброците, пазарување намирници и приготвување оброци во текот на викендот. Но, исто така помини време со децата преку викендот, бидејќи преку неделата можеш да се дружиш со нив само кога се исцрпени или лути дека си им го направила погрешниот тип шпагети за вечера.
Состанувај се со сопругот! Важно е да ја одржуваш врската жива и интересна. Обидувајте се да излегувате 1-2 пари месечно. Супер, време без децата. Ангажирај дадилка и најди си уште една работа за да можеш да си дозволиш да ја платиш.
Еј, па треба да имаш и свое хоби. Важно е да имаш „време за себе“. Исто така, биди начитана, биди во тек со новитетите во поп културата и телевизиските серии, фрлај око во политиката и биди способна да дискутираш на кое било од наведените, бидејќи постои мала шанса да излезеш во јавност и да имаш разговор со друга возрасна личност.
Имај пријатели! Времето за дружење е важно. Сигурно ти останува 1-2 часа неделно откако ќе завршиш со работа, прегледи, вежбање, готвење, планирање, чистење, држење морални лекции и учење на децата, вообичаено. Можеби ќе излезете на чаша вино и мезе откако децата ќе заспијат. Но, гледај мезето да биде здраво. Може да зажалиш за виното во 5.30 часот наутро кога ќе имаш вртоглавица.
Грижата за себе е важна. МНОГУ важна. Како и враќањето во форма. Не заборавај да одиш на преглед кај матичниот лекар, кај заболекар (ДВАПАТИ), на гинеколог. Веројатно ќе ти треба и преглед за очите. Кожен лекар исто така. Како и преглед за менталното здравје. Постпородилна анксиозност? Ама изгледаш одлично и децата ти се преслатки. Секој треба да има психотерапевт. Со среќа во наоѓањето таков кој ти го покрива здравственото осигурување, а кој работи во часови надвор од твоето работно време. Тоа значи дека ќе биде во вечерните часови кога треба да поминеш време со децата. Ама важно е, па најди си време за тоа.
Не носи хеланки оти општеството ќе те исмејува во бројни објави на блогови. Дури и ако ништо друго не те собира. Ќе треба да станеш уште порано за да си ја средиш фризурата , да си ставиш ајлајнер и да побараш панталони кои ќе одговараат на твоето ново постпородилно тело.
Тргни се од телефонот, исклучи го ТВ и уживај во животот. Уживај со децата. ОВА СЕ ДОБРИ ВРЕМИЊА, сакај ја секоја секунда од животот, бидејќи пред да трепнеш сето ова ќе биде само минато.
