Мајките честопати се мета на критики, „добронамерни“ совети, осудувачки коментари.
Српскиот сајт „Бебац“ објави хит текст кој е наменет за сите оние кои им дофрлуваат непромислени коментари на мајките, кои ги оценуваат нивните одлуки и кои не пропуштаат да им посочат дека не се добри родители. Во него, гарантирано ќе се пронајдат сите жени кои имаат деца.

До сите вас кои не пропуштате прилика да ѝ кажете дека не е добра мајка...
Ти што не одбираш зборови и што ја обвинуваш за сè...
И ти што ги превртуваш очите кога нејзиното дете се однесува онака како што тебе не ти одговара...
И ти што ja гледаш со лутина во паркот зашто го дои детето во јавност, да се засрамела! А и ти што ја осудуваш зашто не дои, туку го вади од торбата тоа „отровно“ шише со млеко.
Особено ти што секојпат без пардон ѝ велиш дека се здебелила и дека може малку да се среди. Сепак, поминало долго време по породувањето. А ако се среди премногу или ако пребрзо ослаби, ѝ кажуваш дека можела малку повеќе да му се посвети на детето наместо да мисли на себе.
И ти што пишуваш или зборуваш дека таа е премногу строга или премногу попустлива.
Ти што наводно се грижиш дали детето ѝ е премногу или премалку облечено или дека детето ѝ е превалкано или пречисто...
И сите вие кои мислите дека сте подобри или дека би биле подобри, а никогаш не сте чекореле во нејзините чевли.
Па дури и ти, која исто така си мајка, а мислиш дека си подобра од неа и си даваш за право да ѝ го плеснеш тоа в лице...
И ти државо, која ѝ го убиваш достоинството на сите можни начини и дури ѝ се потсмеваш со разни ветувања во кои никој повеќе не верува. Вие лицемерни политичари кои сакате повеќе деца, а не се грижите за тоа како живеат нивните мајки.
А и вие новинари и медиуми кои пишувате статии од кои одѕвонува „Крива си!“ Вие кои пласирате згодни јавни личности кои еден ден по породувањето се толку совршено исфотошопирани!
Ах да... и вие експерти кои ако имавте еден ден пракса, ќе знаевте дека за родителството најлесно е да се зборува.
А на сето ова и ти, кој случајно минуваш, ти што мислиш дека можеш ти подобро, па и ти што си минала низ истото...
Што ви е вам гајле кога радила, колку деца родила, како ги родила и со кого ги родила... Ги родила!
Што ви е гајле кој ѝ ги чува децата, дали денес ги испрала алиштата, дали испеглала и дали му направила торта на детето за роденден или му ја купила?
Можеби не знае да готви, можеби секогаш го загорува пандишпанот за торта во рерната, а можеби одлучила дека цел роденден на детето ќе го помине со него.
Можеби детето прерано ѝ тргнало во градинка затоа што таа мора да работи и се бори за опстанок.
А можеби навечер, кога ти не гледаш, таа пее најубави приспивни песни, го гушка своето дете и го бакнува и го сака бескрајно, иако не е најдобра мајка на светот, по твоите проценки.
Во своето тело носела нов живот и го донела на овој свет и тука не е крајот. Баш од неа зависи во што ќе порасне нејзиното чедо. И баш од нејзината самопочит зависи каков родител ќе биде тоа.
Тогаш зошто ја убиваш?
Ако му посакуваш добро на детето, направи ѝ добро на мајката! Направи да биде горда и да верува во себе, бидејќи тоа ќе му го пренесе на детето.
Помогни ѝ!
Лесно е...
Кога ќе ја сретнеш, речи ѝ дека е убава и дека блеска.
Речи ѝ дека родителството ѝ оди од рака.
Пофали ја дека е прекрасна мајка. Кажувај ѝ го тоа секој ден.
И ќе видиш како таа ќе заблеска. Бидејќи таа само тоа и го посакува, да биде добра мајка, баш таква каква што е.
Тогаш ќе го прегрне своето дете, ќе биде горда на себе и ќе посакува да биде уште подобра. А кога таа е таква, задоволна, среќна и горда и нејзиното дете ќе биде подобро.
Не ѝ ги сечете крилјата на мајката... така го убивате целиот свет. Дајте ѝ крилја да полета и ќе создаде некои нови луѓе, многу подобри од сите нас.