Мајка сподели прекрасна фотографија од лузната од царскиот рез заедно со бебето, свиткано во положбата во која било во стомакот, за да покаже дека не постои лесен начин на породување.
Блогерката Кири Васалес, која го родила првото дете по природен пат, ја споделила фотографијата, бидејќи на прекрасен начин го отсликувала нејзиното патување низ втората бременост.
„Девет дена по раѓањето на Луна со мајка ми одлучивме да направиме фотографија како Луна беше позиционирана во мојот стомак. Тоа не е вообичаена положба и го претставуваше моето патување. Фотографијата беше толку убава што одлучив да ја споделам со моите следбеници во чест на нашите бебиња независно од начинот на кој сме ги родиле“ – рекла Кири.
Но, откако им открила на обожавателите дека се породи со царски рез, 30-годишната мајка од Сиднеј започнала да добива коментари дека го избрала полесниот начин на породување и дека била среќничка.
„Со првото дете се породив по природен пат, но овој пат немав друга опција. Бебето беше карлично... луѓе кои не ја знаеја мојата ситуација ми велеа дека требало да се обидам да го „свртам“ бебето. Толку е погрешно да го осудуваш начинот на кој некој се породил. Сите сме различни и секоја мајка сака да се осигури дека ќе роди здраво бебе“ – додала таа.
Фотографијата на Кири била тргната од Instagram поради нарушување на правилата, но тоа не ја спречило да ја рашири својата порака дека не треба да се осудува начинот на кој некоја жена се породила.
„Не е важно дали сте се породиле со царски рез, вагинално, со или без лекарства за намалување на болката, под вода или дома. За оние како мене кои немаа избор, царскиот рез е тежок. Да, многу жени мислат дека го избравме полесниот начин, но јас можам да ве уверам дека тоа не е полесен начин“ – рекла таа.
Кири им порачува на трудниците да не се грижат за мислењето на другите луѓе и да го прават она што тие чувствуваат дека е најправилно за бебето.
„Не грижете се за туѓото мислење. Слушајте ги вашите инстинкти и правете го она што вие мислите дека е најдобро“ – вели таа.