Блогерка, која има три деца, со текст апелира да им се помага на мајките за тие да можат да имаат време за себе. Хедер Дилејни вели дека мајките најчесто се преморени, но сакајќи сè да постигнат сами, не бараат помош.
Додека нејзините деца биле мали, свекрва ѝ секоја петочна вечер ги земала трите внуци за Хедер да може да се одмори и релаксира. Сега, таа го прави истото за нејзината сестра.
Не чекам сестра ми да ме замоли пред да ѝ го земам бебето.
Упс, ова на некој начин звучи како киднапирање. Дозволете ми да ви објаснам.
Кога ќе одам кај сестра ми и ќе го земам во раце мојот скапоцен внук (кој мириса како ангел кој штотуку се наросил со некаков вид ангелски прав), ѝ велам дека ќе го одведам во спалната соба, ќе ја пуштам мојата омилена серија и дека тој е мој во следните час или два.
Во тој период, ќе му ја сменам пелената. Ќе го преслечам кога ќе се изводени од лигавиците. Ќе го нахранам со неговото шише кога ќе огладни. Таа знае дека има час или два за себе, дека јас не се брзам, и дека таа има време да прави сè што ќе посака.
Да јаде, да исчисти, да се истушира, да избриши прашина, да дремне, да го изгледа омилениот документарец.
Од неа зависи како ќе избере да го помине тоа време. Тоа е НЕЈЗИНО време. Не ја прашувам и со сигурност, не ѝ судам. Само таа знае што му треба на нејзиното тело и на нејзиното срце во тој момент и сакам таа да го почитува тоа.
Јас, таа и тој? Сите ние го завршуваме тој час чувствувајќи се неверојатно. Таа е прекрасна пауза од светот за сите тројца.
Видете, ако чекав таа да ме замоли, тоа немаше да се случи поради вина, срам и она чувство „Јас би требало да можам да направам сè“.
Накратко, таа никогаш нема да ме замоли.
Таа, како и сите други мајки, би чекала да се премори, зашто во денешно време тоа изгледа понормално во мајчинството отколку да се побара помош.
Пријатели, мора да го прекинеме ова.
Сите го гледаме тоа. Мемиња и статии за преморувањето на мајките. Знаеме дека тоа се случува. Ни кажуваат начини на кои можеме да им помогнеме на мајките кога тие се чувствуваат изморено или истоштено.
Но, што ако ние не чекаме тие да се преморат? Што ако се вклучиме и им помогнеме на мајките пред да настапи премореноста?
Јас сум мајка на три деца. Тие не се повеќе бебиња. Едното е повисоко од мене, другото ми е до очите, а и третото е блиску. Но, кога беа мали, гледав многу мајки околу мене кои беа преморени, истоштени, без енергија и без живот. Срцето ми се кршеше за сите нив.
А јас? Јас ги имав моите петочни вечери. Мојата свекрва не чекаше да ја замолам. Таа дури не чекаше ни да се изморам. Наместо тоа, се појавуваше на мојот праг секоја петочна вечер и ги земаше внуците кои премногу ги сакаше. Уживаше во тоа време, тие уживаа во тоа време и со сигурност и јас уживав во тоа време. Тоа беше победничка ситуација за сите. Без разлика колку ми беше тешка неделата. Без разлика колку активни стануваа тие и колку уморна бев јас, знаев дека имам петочна вечер во која ќе уживам...
...Колку голем благослов беше тоа.
Ниту еден од подароците кои мојата свекрва ми ги има подарено низ годините не се споредува со подарокот на тие петочни вечери. Најдобриот.
А сега? Сега јас го правам истото за сестра ми. Не чекам да се премори, да се истошти или да полуди.
Застанувам за неа во празнината. Ѝ покажувам љубов неа, сакајќи го него. Ја зацврстувам неверојатната основа која веќе ја имаме изградено со мојата сестра и градиме силна основа меѓу мене и ова мало момче.
Толку многу слушаме „потребно е цело село за да се израсни дете“, но мислам дека понекогаш мораме да се запрашаме: „Дали ја играме нашата улога во тоа село?“
Хедер