Мајка на три деца покажува како реално изгледа женското тело по породувањето за да им помогне на жените да се чувствуваат удобно во својата кожа.
Сара Никол не се обидува да собере фанови на Instagram со прекрасното лице или со фотошопирани фотографии, туку објавува реални фотографии од нејзините стрии, целулитот и вишокот на кожа.


34-годишната Канаѓанка вели дека во минатото се срамела од својот изглед затоа што постојано се споредувала со совршените мајки на социјалните мрежи, но дека денес се гордее со своето тело.
„Престанав да ги гледам профилите на социјалните мрежи чија содржина правеше да се чувствувам безнадежно. Почнав да барам профили кои ми помогнаа да го променам мојот начин на размислување. Денес сум посамоуверена отсекогаш. Знам дека моето тело нема никаква врска со самодовербата“ – вели Сара.


Таа во 2013 година тежела над 100 килограми, но со менување на исхраната и тренирање, ја преполовила својата тежина.




Сега, Никол без задршки го покажува своето „несовршено“ тело за да им пренесе порака на другите жени дека изгледот не треба да ја дефинира нивната вредност и дека реалното женско тело не изгледа како она од кориците на списанијата.

Пред една години никогаш немаше да можам да го објавам ова. Немаше шанси. Ова беше мојот срам, ова беше мојот хорор. Но, денес не се колебам. Не помислувам „Леле што ќе речат луѓето?“. Имам само мир.
Бидејќи сега разбирам. Разбирам дека ова е само човечко тело. Ова е тело кое носеше три неверојатни деца. Ова е тело кое ослабе 50 килограми. Ова е тело кое некогаш се чувствуваше безвредно, а сега се чувствува силно. Ова е тело кое треба да се храни со љубов, внимание, добрина и љубезност. Ова е тело кое научив да го сакам преку вежбање, труд и грижа за себе. Ова е тело кое ќе го искористам за да им покажам на другите дека не се сами во нивните тела.
Мои пријатели, ова е вашиот живот. Ова е вашето тело. Без разлика дали си висока или ниска, со облини или не, ова си ти. И ти си убава. Потребно е време за да ги сфатиш овие работи. Ова не е нешто со кое ОДЕДНАШ магично ќе се помириш, но трудот да мразиш е многу поисцрпувачки од трудот да сакаш. Па потруди се.
Ти требаа години полни со зборови, совршени фотографии и бескрајни споредби за да го создадеш гласот кој денес е во твојата глава, а сега е време за менување на насоката. Сега е време за нови зборови, нови фотографии и скапоцени врски. Сега е време да живееш. Вистински да живееш. Со мир и разбирање. Со љубов која нема да те исполни само тебе, туку ќе се прелее и врз другите. Љубовта кон себеси е вредна. Вежбај ја.

Денес, кога ја направив оваа фотографија, бев фасцинирана. Не засрамена. Не згрозена.
Се чувствував моќно, речиси величествено. Човечкото тело е мноооогу кул, создадено за да ни дозволи да се менуваме и адаптираме, да поминуваме низ пубертет, да носиме деца, да создаваме мускули и многу други нешта.
А ние седиме тука и го критикуваме за добро завршената работа. Не сакам да го правам тоа повеќе. Сакам да му оддадам почит на моето тело, да му се заблагодарам и да го сакам. Поради добро завршената работа.

Ова не е храброст.
Ова е човечко тело.
Кое се адаптира на животот.
Кое расте и се растегнува.
Кое создава нов живот.
Кое создава простор за љубов.
Кое создава спомени на кожата.
И кое го прави она за што е создадено.
Токму така, тоа е создадено за да го прави ова.
Ти не си несовршена.
Само се адаптираш.
Она што беше вчера, пред две години, пред десет години е незначајно за твојата иднина.
Престани да гледаш на минатото како тоа да ти е цел. Животот се случи, нештата се случија, твоето тело направи неверојатни нешта. Престани да се обидуваш да се вратиш назад, животот не оди така.
Оди нанапред.
Не ја пропуштај сегашноста. Не го пропуштај она што доаѓа следно само затоа што твоите мисли се заглавени мислејќи дека новата подобрена ти на некаков начин е помалку вредна.
Издиши и опушти се.
Уживај во тоа тело што го имаш. Тој живот кој го имаш. Можностите кои ги имаш. Па, што и да си денес, биди прекрасна.
Биди љубезна.
Биди позитивна.
Биди полна со љубов.
Особено кон себе.








