Мајлс Скот има само пет години и води храбра борба против ужасна болест – леукемија. Во текот на своите битки, Мајлс пронаоѓал инспирација во суперхероите. Негова најголема желба била да стане Бет-дете (Batkid).
Вчера неговата желба беше исполнета, а тоа стопли милиони срца низ целиот свет.
Сан Франциско стана Готам Сити, а илјадници фанови на малиот Бетмен излегоа на улиците да ја изразат својата поддршка. Организацијата „Make-a-Wish“ во соработка со властите на Сан Франциско организираше незаборавен ден за Мајлс.
Мајлс заедно со возрасен Бетмен се бореше против криминалот. Движејќи се низ градот во бетмобил, тие спасија дама во неволја, спречија кражба и помогнаа во апсењето на Загатнувачот. Медиумите постојано известуваа за хероизмот на Мајлс и за тоа како тој го спасува градот.
На крајот, градоначалникот на Сан Франциско и шефот на полицијата му го доделија на Batkid „клучот од градот“.
Дури и Барак Обама му честиташе на Мајлс за добро завршената работа.
Илјадници луѓе доброволно се пријавиле да учествуваат во остварувањето на желбата на малото дете кај кое била откриена леукемија кога имало само 18 месеци. Леукемијата кај Мајлс сега е во ремисија, што беше причина плус за солзите радосници во очите на набљудувачите на авантурите на смелиот суперхерој.
„Оваа желба значи завршеток на едно поглавје за нашето семејство и крај на повеќе од тригодишно ставање на токсични лекови во телото на нашиот син. Оваа желба е како обединување на семејството и наша прослава за завршувањето на неговото лекување“ – изјавила мајката на Мајлс.
Ова дефинитивно е една од оние приказни кои ја враќаат вербата во човечноста.