Бела Џеј Дарк од Вејмут, Англија, влезе во Гинисовата книга на рекорди како Најмладата авторка на светот.
На 5-годишна возраст, ова паметно девојче објави илустрирана книга која се вика „Изгубената мачка“. Приказната е за мачката Сноуи, а книгата е издадена од „Џинџер Фајр Прес“ кон крајот на јануари годинава. Досега се продадени повеќе од 1.000 примероци.
Бела ја добила идејата за нејзината прва книга од еден од нејзините цртежи.
„Сè започна со една слика. Мојот татко ми рече дека можам да направам книга и приказната произлезе од она што го цртав“ – рече таа.
Мајката на Бела, Челзи Сајм, вели дека ќерка ѝ има огромна имагинација и дека пишува кратки приказни уште од 3-годишна возраст.
На Бела ѝ биле потребни пет дена за да ја создаде книгата. Процесот се состоел од пишување краток текст, цртање и боење на сите слики, освен на цртежот на последната страница кој е дело на Лејси Меј, поголемата сестра на Бела.
Книгата ја следи мачката Сноуи која ќе се изгуби откако ќе тргне на авантура, среде ноќ и сосем сама. Малата писателка ја напишала приказната за да ги поучи децата дека не треба да излегуваат сами во доцните вечерни часови.
„Изгубената мачка“ веќе се наоѓа на полиците ширум светот и илјадници деца уживаат во приказната. Кога не пишува, Бела сака да чита, плива и игра на својот таблет. Имено, таа работи и на продолжението од книгата.
Пред Бела, рекордот за најмлада авторка го држеше Дороти Стрејт која во 1964 година, на возраст од само 6 години ја објави книгата „Како започна светот“. Кога станува збор за машки автор, најмладиот е Танувана Серасинџе од Шри Ланка, кој на неполни 5 години, во 2017 година ја издаде книгата „Junk Food“.