Запознајте ја Енија, девојка со Даунов синдром која руши бариери и инспирира на социјалните мрежи.
26-годишната Холанѓанка е ѕвезда на Instagram со речиси 70 илјади следбеници со кои споделува туторијали за шминка и нега на лицето, како и модни комбинации.
Овој месец, Енија влезе во улога на модел и сними фотосесија за холандското издание на „Glamour“.
Во видеото, шармантната девојка скока од радост кога за првпат ќе се види себеси на насловната страница на познатото списание.
„Сигурно сонувам! Не можам со зборови да опишам колку многу ми значи ова. Мојата прва насловна страница, но исто така и првата позначајна насловна во Холандија со личност со Даунов синдром на неа“ – изјавила среќната девојка.
Енија цели да ја промени перцепцијата на луѓето за вистинската убавина. „Се надевам дека ќе ги промениме стандардите во модната и козметичката индустрија. Јас гледам промена, ние штотуку почнуваме, но се движиме во вистинската насока. Сите можеме да направиме промена, само треба да придонесеме кон тоа“ – вели таа.