Бинди Ирвин, ќерката на ловецот на крокодили Стив Ирвин, е една од ѕвездите на популарното американско шоу „Dancing with the Stars“. Досега судиите не ги штедеа комплиментите за нејзините танцувачки вештини, но нејзиниот последен танц ги освои срцата на присутните и ја доби првата 10-ка оваа сезона. Тој беше посветен на нејзиниот прерано починат татко Стивен Ирвин.
Во епизодата, во која натпреварувачите имаа задача да создадат танц кој ќе ја опише најважната година од нивниот живот, 17-годишната девојка се отвори за смртта на татко си. „Она што најмногу ме оформи како личност би била смртта на татко ми. Поминаа девет години, а јас никогаш не престанав да мислам на тоа. Подготвена сум да ја раскажам таа приказна“ – му вели Бинди на својот партнер во шоуто.
„Ми требаше многу време за да разберам што навистина се случило. До крајот на животот не некој начин ќе чувствувам дека ќе се врати дома“ – признава таа.
Бинди и Дерек танцуваат на песната „Every Breath You Take“, а Бинди му го посвети својот танц на Стив, кој почина во 2006 година. Силните емоции и прекрасното доловување на врската татко-ќерка преку движења, не оставија никого рамнодушен.
Иако за време на пробите, Бинди неколкупати дозволи емоциите да ја надвладеат, за време на настапот успеа да ги задржи солзите до крајот.
„Татко ти танцуваше со тебе на секој чекор“ – коментираше Бруно Тониоли.
Настапот за само два дена има повеќе од 2,5 милиони прегледувања на YouTube.
Бинди објави и фотографија од детските денови на Instagram.