Голема трагедија го обви во тага семејството на Шерон Стоун. Познатата актерка објави дека нејзиното внуче Ривер почина само неколку денови откако беше пронајдено во креветчето во лоша здравствена состојба.
Во емотивно видео, со кое таа ја сподели ужасната вест, малиот Ривер ведро се смее додека во позадина се слуша баладата „Tears In Heaven“ од Ерик Клептон. Не е позната точната причина за смртта на детенцето, кое за една недела ќе го прославеше својот прв роденден.
River William Stone
— Sharon Stone (@sharonstone) August 30, 2021
Sept. 8, 2020 - Aug. 30, 2021 pic.twitter.com/T07dOKoK9G
Пред три дена, Стоун побара од фановите да се помолат за Ривер. „Моето внуче и кумашинче Ривер Стоун беше пронајдено денес во неговото креветче со тотално откажување на органи. Ве молам молете се за него. Ни треба чудо“ – порача таа со фотографија од слаткото дете во болнички кревет. За жал, исходот е кошмарен.
Ривер беше најмалото дете на братот на Стоун, Патрик, и неговата сопруга Таша која непосредно пред големата загуба напиша: „Ова е НАЈТЕШКОТО нешто што сум го постирала, но ве молам, сите вие кои се молите, да се молите силно за Ривер. Тој моментално е во кома, а јас умирам. Секоја секунда буквално ме убива. Само сакам да ми се врати моето слатко момче. Докторот вели дека ако се извлече жив, нема да биде никогаш ист. Ве молам за молитви за моето бебе да се излечи и да му се врати на семејството кое го сака толку многу.“