Во петокот светот го потресе веста за грозоморен напад на основното училиште „Сенди Хук“ во Њутаун, Конектикат. Дваесетгодишниот Адам Ланза немилосрдно одзеде 26 животи, откако претходно го прекина животот и на својата мајка. За да биде трагедијата уште поголема, 20 од жртвите беа деца на возраст од 6 и 7 години.
Шок, тага и неверување завладеаја не само во САД, туку и во целиот свет, поттикнувајќи ги родителите поцврсто да ги прегрнуваат своите деца.
Во целиот тој хаос и хорор, одекнаа и неколку приказни за храбри жени вработени во училиштето кои без двоумење го ризикуваа и дадоа сопствениот живот за да спасат невини мали деца.
Кога во училиштето се слушнале истрели, повеќе учители се засолнале под масите. Но, директорката Дон Хохспрунг и училишниот психолог Мери Шерлах истрчале кон убиецот, занемарувајќи ја сопствената безбедност. И двете веднаш станале жртви на куршумите на Ланза.
47-годишната почитувана директорка починала спротивставувајќи му се на Адам со цел да го спречи во неговите намери.
Викторија Сото со право е нарекувана херој. 27-годишната учителка во прво одделение сокрила 16 деца во кабинет, а потоа со своето тело спречила куршумите да стигнат до малите ученици.
„Таа беше учителка која се грижеше повеќе за своите ученици отколку за себе. Тоа говори многу за нејзиниот карактер и нејзината преданост и посветеност.“
„Се гордеам што Вики имаше инстинкти да ги заштити своите деца од опасност. Ни носи спокојство тоа што знаеме дека Вики го правеше она што го сакаше, ги заштитуваше децата, и во нашите очи, таа е херој. Таа ги сакаше децата, целта во животот ѝ беше да стане учителка и да моделира млади умови. Тоа го постигна, но за жал, го загуби животот заштитувајќи ги тие деца“ – изјавил Џим Вилтси, братучед на Викторија.
Сите деца имале само пофални зборови за младата учителка.
Во други два случаи учителки спасиле деца, без да настрадаат од Ланза.
Мерироуз Кристопик, учителка по музичко, ги спасила своите ученици од гневниот убиец со тоа што ги затворила во кабинет и не му дозволила на убиецот на влезе внатре. Таа ја блокирала вратата со големи музички инструменти и со тоа го спречила влегувањето на Ланза, кој тропал на вратата и викал „Пушти ме внатре!“
„Останавме тивки, се држевме за раце, се прегнувавме. Се обидував да ги смирам. Им реков дека има лош човек во училиштето. Не сакав да им кажувам ништо повеќе од тоа. Го направив она што секој учител би го направил“ – изјавила Мерироуз, која останала внатре со децата додека не дошла полицијата за да ги однесе на безбедно место.
Учителката Кејтлин Роиг затворила 14 ученици во мало купатило додека одекнувале истрели низ училишната зграда. Пред да заклучи, пред вратата поставила плакар. „Бев преплашена. Не мислев дека ќе преживееме. Нè заклучив. Не знам дали убиецот влезе во училницата... само им велев на учениците да бидат тивки. Тие ми велеа: Може ли да излеземе да видиме дали има некој надвор?... Не сакам да умрам, сакам да е Божиќ...“ – изјавила таа.
Истрелите набрзо стивнале, но 29-годишната Кејтлин не им дозволила на децата да излезат. Кога полицијата започнала да чука на вратата, таа не верувала дека се полициски службеници и им рекла да ги покажат нивните полициски значки под вратата. „Не им верував. Им реков дека ако навистина се полицајци, ќе можат да го земат клучот... Така и направија и го отклучија купатилото“ – раскажала низ солзи Кејтлин.
Адам Ланза си го одзел животот во самото училиште со истрел во главата. По грозоморниот чин, децата биле евакуирани. Држејќи се едно за друго, со затворени очи го напуштиле училиштето за да завршат во прегратките на преплашените и шокирани родители. За жал, родителите на 12 девојчиња и 8 момчиња останаа со празни раце и неподнослива болка.
„Учителката на ќерка ми е херој. Таа ги заклучи сите деца во кабинетот и тоа им ги спаси животите“ – рекла мајка на девојче кое било во одделението на Мерироуз Кристопик.
Нема човек кој не им се восхитува на храброста и пожртвуваноста на храбрите вработени во „Сенди Хук“, кои спречиле поголема трагедија.