Тинејџерка со Даунов синдром има амбициозна мисија – да ја промени перцепцијата на луѓето за вистинската убавина.
Медлин Стјуарт е родена со Даунов синдром, но никогаш не дозволила нејзината здравствена состојба да ја спречи да танцува и спортува, а сега посакува и да си ја исполни желбата да стане модел.
Стјуарт отсекогаш имала проблеми со тежината, како и најголем дел од лицата со Даунов синдром. Минатата година таа се измачувала со фрустрации, бидејќи тежината ѝ попречувала да ги прави сите вежби на часовите по пливање и танцување. Па, таа со помош на мајка си Росана започнала нов режим на исхрана и се посветила на вежбањето. Како резултат на решителноста, ослабела 18 килограми.
Медлин плива петпати седмично, тренира за Параолимпијада и танцува хип-хоп. Во јули таа има закажан настап во Лас Вегас со својата група „Bust a Move“, програма за танцување за тинејџери и млади лица со хендикеп.
Желбата на Медлин да стане модел не била изненадување за нејзината мајка, која сега трага по агент кој ќе ја застапува 18-годишната девојка. „Таа го сака вниманието кое го добива кога е на сцена. Отсекогаш правев милиони слики од неа, па таа ја обожава камерата“ – изјавила Росана.
„Луѓето со Даунов синдром можат да направат сè, само со нивно темпо. Дајте им шанса и ќе бидете наградени повеќе одошто некогаш сте очекувале.“
„Кога беше бебе, малоумни луѓе ми велеа дека таа не треба да биде во јавност. Нејзините доктори ми рекоа дека таа никогаш нема ништо да постигне. Кога започна да оди на училиште, на деновите за спорт, некои од родителите не сакаа таа да учествува во натпреварите, бидејќи сакаа тимот на нивното дете да победи. Многу луѓе ме гледаат со сожалување. Но, вистината е дека јас ги сожалувам луѓето кои никогаш нема да ја почувствуваат безусловната љубов на некој како Меди. Таа е неверојатна, таа е толку убава и прави да се чувствувам посебно. Секое утро доаѓа и ме гушка за почеток на денот.“
„Сакам луѓето да престанат да велат „Жал ми е“ кога ќе им кажам дека ќерка ми има Даунов синдром, бидејќи тоа е наивна изјава. Можеби Медлин може да направи луѓето да престанат да се чувствуваат на тој начин. Ако просечниот човек може да ја види внатрешната убавина на Медлин, да види колку таа е грижлива и полна со љубов и ако според тоа луѓето ја мерат убавината, тогаш повеќето модели во светот би имале Даунов синдром.“
„Се чувствувам многу благословено што имам ќерка како Меди. Ми падна лото на денот кога таа се роди“ – изјавила Росана.