Дуа, Нила и Максим се мали херои кои конечно уживаат во топлината на семејниот дом. Трите предвреме родени бебенца си заминаа дома со своите родители, откако поминаа околу 80 дена на одделот за интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Од ГАК ја споделија убавата приказна за овие бебенца кои сега се во добра здравствена состојба.
ДУА, НИЛА И МАКСИМ ГИ ИСПРАТИВМЕ ДОМА
Од почетокот на годината не изостанаа успешните приказни на одделението за интензивна нега и терапија на новородени деца.
Дома во топлите прегратки на своите родители си заминаа уште три наши мали борци.
По 78 дена лекување и бројни интервенции, во добра состојба си замина малата хероина Дуа Адеми. Родена е во 27-та гестациска недела, со тежина од 1020 грама, а семејството си ја дочека дома со 2900 грама.
По 78 дена поминати на ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, и малата Нила Ајдари замина дома. Таа се роди со само 850 грама во 28-та гестациска недела, а ја испративме со 2230 грама.
И малиот Максим Андреевски си замина од ОИНТ, со него најмногу се дружевме, дури 82 дена. Максим се роди во 26-та гестациска недела со 1010 грама, а сега има 1810 грама.
На тројцата мали борци им посакуваме среќно детство, многу здравје, убави моменти и безброј радости. Само насмевки да им измамуваат на своите најблиски.