Пар, кој посвои девојче родено без раце и нозе и дадено во сиропиталиште, ја раскажа својата приказна за да инспирира и други лица да го следат нивниот пример. Родителите се категорични дека посвоената ќерка им донела само радост во животот и дека секој ден се будат со насмевка поради неа.
Емотивните видеа за посвојувањето на девојчето беа објавени на Facebook:
Видеа
Ејдријан и Џејсон Стјуарт ја посвоија 3-годишната Марија пред една година од сиропиталиште за деца со посебни потреби од Филипини откако се заљубиле во неа кога ја виделе на фотографија. Иако имале две свои биолошки ќерки и еден посвоен син, тие планирале да го прошират семејството, но никогаш не мислеле дека ќе посвојат дете со посебни потреби.
„Едноставно чувствував дека некој недостига во нашето семејство“ – рекла Адриен за одлуката да посвојат уште едно дете со сопругот.
„Кога ја најдовме нашата ќерка, не мислевме дека сме квалификувани или подготвени да бидеме родители на дете како неа, дете родено без раце и нозе, но знаевме дека можеме да ја сакаме и дека најважно од сè е да ја сакаме“ – додала таа.
По многу пополнети документи, семејството добило старателство над Марија, која оттогаш напредува со неверојатна брзина.
Кога ја донеле дома, Марија имала 2 години, но не можела да ја држи главата исправена. Сега, не само што може да го прави тоа, туку таа може да седи и во моментов учи како да јаде и пие самостојно. Девојчето веќе црта со помош на устата.
Видео
„Таа не ни знае дека има хендикеп. Ова е сè што некогаш знаела“ – вели грижливата мајка.
На годишнината од посвојувањето на нивната ќерка, Ејдријан и Џејсон ја споделија својата приказна за да инспирираат и други лица да посвојат деца со посебни потреби, како и да ги поттикнат трудниците кои сакаат да ги абортираат ваквите деца добро да размислат за својата одлука.
Ејдријан постојано добива коментари полни со каење од жени кои ги абортирале своите деца поради истата состојба која ја има Марија.
„Таа ни има дадено многу повеќе одошто ние некогаш ќе можеме да ѝ дадеме нејзе. Таа е полна со радост и светлина и е инспирација за сите што ќе ја сретнат. Секој ден се будиме со насмевка на нашето лице поради неа.“
„Ставаме ограничувања на нејзините способности, а потоа ја гледаме како го прави токму она што ние сме мислеле дека не може да го направи. Многу сме благословени што ја имаме во нашето семејство.“
„Таа нè направи сите подобри личности. Нè научи да наоѓаме радост во малите нешта, да не бидеме тажни или разочарани поради она што го немаме и да не ги земаме здраво за готово нештата кои ги имаме. Најважното нешто што го научивме од неа е дека сите ние сме многу поспособни од она што си мислиме“ – објаснува Ејдријан.
Парот во моментов се подготвува да посвои уште една ќерка од Филипини.