Елен МекДоналд е неверојатна пензионерка која 5 пати го победила ракот и надминувајќи ги очекувањата на докторите, неодамна го прославила својот 100-ти роденден.
Жилавата супер бабичка, која е родена во 1911г., за прв пат се соочила со здравствени проблеми во раните 50-ти години кога ѝ бил дијагностициран рак на дојка. Тогаш, со помош на операција успеала да ја победи кобната болест. Но, тоа било само почеток на нејзините проблеми.
Неколку години подоцна кај неа бил откриен рак на жолчната кеса, па била потребна една операција за отстранување на жолчната кеса и втора дополнителна операција затоа што ракот се проширил.
Во 1963г. Елен уште еднаш се соочила со болеста – овој пат ракот се појавил на цревата. По операцијата за отстранување на туморот, докторите сметале дека Елен нема да преживее, па дури и повикале свештеник во нејзината болничка соба.
Г-ѓата МекДоналд изјавила:
„По една операција се разбудив и хирургот ми кажа дека операцијата е завршена, но дека не е сигурен дали ќе успеам да преживеам.“
„Се сеќавам дека во собата имаше свештеник кој стоеше над мене и читаше делови од Библијата и имаше уште некој во собата што плачеше. Јас им кажав дека сум борец и успеав да се извлечам.“
„Успеав поради мојот борбен дух и вештината на хирургот кој ме оперираше. Освен лузните, половина век подоцна сум во добро здравје.“
100-годишната Елен сè уште е активна и редовно посетува состаноци на клуб за луѓе над 55 години. Таа тврди дека напорната работа ја одржала во живот, а и повременото пиење на чаша вино.
Нејзиниот сопруг Џим починал пред 18 години, неколку недели пред да ја прослават нивната дијамантска свадба.
„Мојот совет за подолг живот е да работите напорно за да го одржувате телото активно“ – дополнила Елен која во моментов живее во дом.