Животната приказна на Сара Рик ќе ви покаже колку силна и благородна може да биде една мајка дури и кога минува низ најкошмарните мигови – загубата на дете.
Сара била во 20-тата недела од бременоста кога ја добила лошата вест дека има компликации и дека нејзината ќерка ќе живее само неколку часа по раѓањето. Во истото време, нејзината најдобра пријателка Лорен Каспер ја привршувала процедурата за посвојување на новороденче од Етиопија.
„Јас ја подготвував собата за пристигнувањето на мојата ќерка, а Сара планираше погреб“ – пишува Лорен во емотивен текст.
Срцето на Сара било скршено, но и покрај бескрајната тага и болка, успеала да направи нешто прекрасно. Таа ѝ го понудила на Лорен мајчиното млеко кое ќерка ѝ никогаш немало да го вкуси за да му овозможи најдобар почеток на животот на посвоеното бебенце.
За да ѝ се заблагодари за несебичниот гест, Лорен напиша текст кој ќе допре до сечие срце. Прочитајте го:
Сè уште се сеќавам на денот кога мојата пријателка Сара плашливо ме праша дали би го прифатила нејзиното мајчино млеко за мојата ќерка. Изразот на лицето, јазикот на телото и нејзиниот глас ми кажуваа дека тоа е нешто што таа го обмислувала долго време и дека прави голем и храбар чекор. Се сеќавам дека ја почувствував тежината на длабока тага и бескрајна благодарност одеднаш.
Знаете, Сара немаше да има можност да го искористи нејзиното мајчино млеко, бидејќи девојчето кое го носеше не живееше долго време по раѓањето.
Беше јули, неколку недели претходно ги испратив документите за да ја посвојам нашата ќерка Арсема. Додека чекавме датум за да отпатуваме во Етиопија, јас започнав да ја подготвувам бебешката соба. Тоа утро, го менував подот во собата и очекував СМС порака од Сара, тајно надевајќи се дека ќе ми соопшти дека бебето е девојче. Сонував нашите ќерки да бидат добри пријателки, како што се нивните поголеми браќа. Добив порака... девојче е... но имаше некакви компликации.
Во следните неколку часа дознавме дека девојчето што го носеше Сара нема да преживее надвор од утробата. Јас ја подготвував бебешката соба за пристигнувањето на мојата ќерка, а Сара планираше погреб. Поминавме многу утра заедно во плачење, разговори, а понекогаш дури и смеење. Таа ми даде две ќебиња од нејзиното пакување, а другите две ги задржа за да ја завитка ќерка ѝ кога ќе се роди.
Ја донесов дома Арсема во октомври. Неколку недели подоцна, Сара ми рече: „Се прашував дали ќе го сакаш моето мајчино млеко откако ќе се роди Иви. Мислев дека можеби ќе сакаш со него да ја храниш Арсема. Не знам колку долго ќе можам да се измолзувам или колку млеко ќе имам, но би сакала да ти го дадам ако го сакаш“.
Двете плачевме. Тоа беше подарок кој многу ни значеше и на двете. Сара копнееше да направи нешто значајно и на некој начин нејзиното хранење на ќерка ми ѝ помогна да излечи мало парче од нејзиното скршено срце.
Иви Керис се роди во ноември и живееше четири часа опкружена со луѓето кои најмногу ја сакаа. Ја бакнавме на лицето, ја впивме целата нејзина убавина, а потоа Сара ја испрати со песна во рајот.
Една недела подоцна, Сара дојде во мојот дом, носејќи ладилник полн со мали кеси со млеко. Секоја недела во текот на неколку месеци таа продолжуваше да носи мајчино млеко за мојата ќерка. Секојпат кога ќе ѝ го наполнев шишето на Арсема и ќе ја хранев на столицата за нишање си мислев на Сара и Иви. Се молев за скршеното срце на Сара и му заблагодарував на Бог за подарокот кој Сара несебично ми го даде мене и на мојата ќерка.
Следната недела ќе ја носиме нашата ќерка на нејзината петта операција во три години. Имаше само 12 месеци кога беше оперирана за првпат. Арсема немаше најлесен почеток на животот. Измеѓу сите тие прегледи, операции и болнички престои, избирам да верувам дека млекото на Сара многу ѝ помогна, иако никогаш нема да дознам колку големо влијание имаше тоа врз здравјето на Арсема.
Посакувам да можев да ги дојам моите деца. Сара посакува да можеше да ја дои нејзината ќерка. Но, животот не секогаш има смисла. Кога сè е збркано и се распаѓа, мораме да создадеме наша сопствена убавина од парчињата. Хранењето од страна на Сара на мојата ќерка во момент кога не можеше да ја храни нејзината е прекрасен пример за љубов, благородност и милост во време на огромна загуба.