Приказната за силната поврзаност и љубовта на Џек и Ненси Гејтвуд ќе ви го згрее срцето. По 68 години брачен живот, парот од Оклахома заедно го напуштил овој свет.
Ненси починала на 15 јануари, а Џек издишал за последен пат следното утро, не знаејќи за смртта на својата сакана.
И двајцата биле на 88-годишна возраст и биле среќни родители на четири деца.
Во последните денови од животот, Ненси била на болница поради компликации од скршен колк и пневмонија, додека Џек престојувал во установа за лица со здравствени проблеми, бидејќи страдал од деменција.
Кога Ненси завршила во болница, Џек не се справувал добро со нејзиното отсуство, бидејќи тоа било првпат да бидат толку многу време разделени. „Луѓето од домот постојано го наоѓаа како лута наоколу, прашувајќи дали некој ја видел неговата сакана. Тие ќе му одговореа, но поради деменцијата, тој едноставно не можеше да го запомни тоа“ – објаснил нивниот син Џек Гејтвуд Втори.
Џек никогаш не дозна за смртта на Ненси.
Љубовта на Џек и Ненси се родила уште во средношколските денови, но стапувањето во брак морало да почека, затоа што Џек бил во борбените линии за време на Втората светска војна. Откако се вратил дома, тој веднаш се венчал во својата љубов. По свадбата, тие биле неразделни.
Иако било утврдено дека Џек починал од срцев удар, неговата фамилија верува дека починал од скршено срце. „Ние веруваме дека почина од скршено срце. Знам дека е многу старомодно да се каже тоа, бидејќи не е медицински поддржано. Но, таа беше отсутна од неговиот живот и ние веруваме дека тој тагуваше по неа“ – додал синот Џек.