Добрината со добрина се враќа.
Добродушна мајка на пет деца, која ги посвои трите деца на сосетка откако таа почина од рак, доби неверојатно изненадување – реновиран дом и ново семејно возило. Емоциите на 10-членото семејство не можат да се опишат со зборови. Подгответе си марамчиња и погледнете го видеото:
Тиша Боучмин и нејзиниот сопруг Кевин имаа 5 деца и скромна работа во казино кога нивната сосетка Одри ги замолила да ги причуваат нејзините деца за да направи лекарски испитувања на болница. Се разбира, Тиша без размислување прифатила, не знаејќи дека еден ден тие ќе станат нејзини деца.
Испитувањата на Одри покажале дека таа има рак на стомакот, а докторите ѝ дале 1-5 години живот. За жал, ракот метастазирал пребрзо и преминал од втор во четврт стадиум за само две недели. „Еден ден таа ми се јави за да ми каже дека е дома. Ова беше одлична вест... барем така си мислев... Но, таа ме извести дека нејзиниот рак на стомакот од втор стадиум преминал во четврт стадиум и дека метастазирал. Докторите ѝ дале 1-5 години“ – пишува Тиша на GoFundMe.
По две недели, децата на Одри повторно се вратиле кај Тиша, бидејќи поради влошена здравствена состојба, таа морала да лежи на болница.
„Го направив она што морав да го направам и повторно ги примив децата. Овој пат ја прашав каков е нејзиниот долгорочен план. Ми рече: Тиша, моите деца никогаш не се смееле толку многу, и ми велат: Мамо, таа нè кара и нè одржува чисти, нè носи на училиште и ни вели дека нè сака и ни посакува убав ден, нè тера да се тушираме. Сакам да знам дали ќе ги примиш децата кога ќе заминам?“.
„Не размислував воопшто, само плачев... Не ни му се јавив на мојот сопруг за да го прашам... Само плачев и реков ДА! Знаев дека и маж ми би го рекол истото, знаев дека тој би бил на моја страна во оваа одлука, бидејќи се приврзавме за овие деца. Гледајќи низ што тие минуваат, слушајќи за нивното минато, знаевме дека овие деца имаат потреба од нас, а ние имавме потреба од нив“ – додава Тиша, која иако не ја познавала долго време својата сосетка прифатила да им биде мајка на нејзините деца.
Причината за Тиша да каже „ДА“ без размислување била тоа што таа пораснала во сиропиталиште и не сакала децата на Одри да поминат низ истото што таа го имала поминато како дете.
Кога била запрашана зошто ги примила децата кај себе, таа одговорила: „Бидејќи се деца. Тие требаше да одат во згрижувачки дом. Не сакам тие никогаш да поминат низ она што јас го поминав како дете. Бидејќи децата заслужуваат да бидат деца. Тие поминаа низ многу нешта и заслужуваат семејство полно со љубов и место кое ќе го нарекуваат дом“.
Кратко време по разговорот, Одри го напуштила овој свет, а Тиша го одржала своето ветување.
Fox 5 Surprise Squad одлучи да го изненади семејството Боучмин со најголемиот подарок кој досега го имале подарено. Тие целосно го реновирале домот на Тиша, Кевин и нивните 8 деца, иако на почетокот им рекле дека ќе им поправат само еден проблематичен ѕид. На крајот, сопственикот на „United Nissan“ им подари ново возило.