Барбара Хигинс стана една од најстарите родилки во САД. Учителката од Њу Хемпшир се породи на 57-годишна возраст и роди здраво машко бебе, кое било зачнато со ин витро.
Барбара и нејзиниот сопруг Кени се израдувале на доаѓањето на овој свет на нивното синче Џек, пет години по ненадејната смрт на нивната 13-годишна ќерка, која имала тумор на мозокот.
„Целата оваа ситуација беше нереална“ – изјавила Барбара.
Таа вели дека желбата за уште едно дете дошла кратко време по загубата на ќерката.
„Желбата се јави кратко време по смртта на Моли, па мојата првична реакција беше дека го губам разумот. Тажна сум и истрауматизирана. Но, сонот беше многу чест. Понекогаш стануваше збор за раѓање на бебе, а понекогаш гласот во сонот ме нарекуваше ‘мама’. Не беше супер специфичен сон, но се будев со чувство дека треба да се јавам кај доктор, дека треба да поработам на ова, дека треба да го започнам овој процес“ – изјавила Барбара.
Во интервју за Today, таа изјавила дека да се биде мајка во шестата деценија од животот е добро бидејќи не дозволуваш да имаш какви било надворешни влијанија.
„Всушност на многу начини сметам дека е полесно. Немам големи очекувања. Не сум загрижена за наворешните фактори и предрасудите“ – рекла таа.
Хигинс се одржува во добра физичка форма и активно тренирала и за време на целата бременост. „Се гордеам со моето тело. Ако не бев доволно здрава и ако телото не ми беше доволно младо за да носи дете, Џек немаше да биде тука сега.“
Додека се обидувала да забремени, Барбара морала да помине низ многу испитувања поради нејзината возраст. По направена снимка со магнетна резонанца, докторите откриле дека таа има три тумори на мозокот, кои ѝ биле успешно отстранети.
„Никогаш немаше да ги најдеме тие тумори ако не се обидувавме да имаме дете, па понекогаш го гледам Џек како мојот мал спасител“ – вели Хигинс.
„Треба да ги промениме нашите гледишта за возраста на која е во ред да се биде бремена“ – додава Барбара.