Мариса Еванс предизвика многу дебати бидејќи реши да добие внуче кое ќе биде зачнато од спермата на нејзиниот починат син, со помош на сурогат-мајка и жена донор на јајце-клетка.
Нејзиниот син Николас починал во март 2009г. откако бил удрен пред ноќен клуб во Остин, Тексас. По смртта на 21-годишниот Николас, на Мариса ѝ било одобрено да замрзне негова сперма за да може во иднина да создаде негово потомство.
Неодамна таа објавила дека пронашла и донор и сурогат-мајка и дека се надева наскоро да добие внуче.
„Се надеваме дека до крајот на април мајката сурогат ќе биде бремена. Јас едноставно знам дека ќе успее“ – изјавила Мариса.
Жената донор и жената која ќе го носи бебето се различни и дури се од различни држави. Се знае дека жената донор е од Русија.
„Таа наликува на него по цртите на лицето, по образованието, интересите и типот на телото. Беше навистина чудно, но јас знаев дека таа е вистинската“ – објаснила Мариса.
Добивањето на внуче ќе ја чини Мариса 70 000 долари, но три четвртини од трошоците се согласил да ги плати нејзин пријател. Мариса дури има и онлајн кампања за собирање на средства за да го оствари сонот на Николас.
Мариса објаснила дека на почетокот сакала да има внуче за да го замени својот син Николас, но сега сака да го направи тоа само поради фактот што Николас многу сакал да има деца.
„Тој сакаше деца. Зборуваше за деца неколку години, па решив дека кога ќе станам емоционално посилна ќе му го овозможам тоа, затоа што сум негова мајка“ – објаснила таа. Николас дури имал избрано име за машко дете – Хантер.
„Се разбира, тој не би избрал да има деца на ваков начин. Тој би сакал да ги порасне сам, но реалноста е дека не може. Некој му ја одзеде таа шанса. Како мајка која толку добро го познаваше, чувствувам дека тој би сакал да го направам ова“ – изјави Мариса пред две години кога судот требаше да ѝ го одобри замрзнувањето на спермата.
„Знам дека ќе има луѓе кои не веруваат во она што го правам, но тие никогаш не биле на мое место“ – објаснила г-ѓа Еванс и ветила дека ќе се обиде повторно ако овој пат не успее оплодувањето.