Постпородилната депресија е тема за која не се зборува доволно и која многу често не е разбрана.
Маж си постави мисија да го промени тоа и да ја зголеми свеста кај луѓето за овој проблем со кој се соочуваат дел од родилките и нивните семејства.
Откако неговата сакана Аријана си го одзеде животот 9 дена по раѓањето на близначиња, Тајлер Сјутон започна отворено да зборува за предизвиците со кои таа се соочувала.
Аријана се породи предвреме на 22 мај и на почетокот била пресреќна што семејството им се проширило.
„Двајцата бевме многу возбудени што имаме близнаци. Не можам ни да ви опишам колку беше среќна. Немаше знаци дека нешто не е во ред. Никогаш не би претпоставиле. Секогаш се шегуваше за нејзините отечени зглобови и за тоа дека едвај чека да испие голема шолја кафе.“
„Никогаш не ни сонував дека ова може да се случи. Дојде многу брзо и многу наеднаш. Започна да зборува дека сака да се вратат во нејзиниот стомак. И реков дека сè ќе биде во ред, дека иако дојдоа порано, тие се здрави и дека за нив се грижи одличен тим. Но, не можев да продрам до неа. Никој не можеше да продре до неа.“
„Обожаваше да биде мајка. Тоа ѝ беше најомиленото нешто на светот и нејзината смрт немаше никаква врска со децата. Ако имаше, таа ќе останеше“ – рекол тој.
Аријана првпат се соочила со постпородилна депресија по раѓањето на ќеркичката Мелоди во 2018 година. Нејзините симптоми биле толку лоши, што таа била двапати хоспитализирана. Но, за нејзините симптоми да се влошат биле потребни неколку недели.
„Кога првпат се соочивме со постпородилната депресија, не бевме подготвени. На почетокот не обрнавме големо внимание на тоа. Мислевме дека не може да ни се случи нам. Не бевме предупредени. Во почетокот промените беа мали. Како нејзин сопруг, си мислев дека тоа е поради тоа што е нова мајка“ – рекол тој.
Тајлер вели дека со текот на времето Аријана започнала да станува опсесивна за чистотата и за водата за пиење.
„Беше загрижена дека има лоши нешта во водата за пиење и се јавуваше во одделот на градот задолжен за водата за да дискутира со нив. Дури и откако се увери дека сè е во ред, не можеше да се откаже од тоа“ – објаснил тој.
За да ѝ помогне, Тајлер зел одмор од работа, но тоа само ги влошило нештата.
„Си мислев дека тоа ќе ѝ даде можност да се релаксира и да се погрижи за себе, но го имаше спротивниот ефект. Таа започна да мисли: ‘Мојот сопруг ја врши мојата работа и јас сум лоша мајка’. Лежеше и плачеше“ – рекол Тајлер.
Парот побарал медицинска помош, но биле потребни месеци за да се пронајде соодветната терапија. По примањето соодветни лекарства, Аријана била многу подобра.
За жал, депресијата се повторила и по второто породување. И покрај тоа што парот имал план и работел со стручни лица на одредувањето соодветна терапија, симптомите многу брзо се влошиле.
„Беше чудно да се види ваква нагла промена. Беше забележителна. Имавме план веднаш да започне со лекарства. Мислевме дека имаме време. Тоа што се случи во период од неколку недели првиот пат, сега се случи во неколку дена. И покрај тоа што имавме план, немаше начин како да предвидиме дека ќе се случи толку брзо и ненадејно. Дојде од никаде и не бевме подготвени“ – рекол сопругот.
Животната мисија на Тејлор сега е да ја зголеми свеста за постпородилната депресија која засега 1 на 8 жени. Симптомите можат да бидат различни од прекумерна анксиозност, лутина, сомнежи во твојата способност да се грижиш за бебето, до појава на мисли да се повредиш себеси или бебето.
„Личноста треба да е многу силна за да побара помош. Кога само би можело да биде норма жените да бараат помош, наместо да чувствуваат срам што не можат да прават сè сами, бидејќи ова е нешто реално. Многу, многу е реално, многу е моќно, многу опасно и е нешто со што никој не треба да се соочува сам.“
„Многу повеќе луѓе треба да се фокусираат на ова и да препознаат дека е реален проблем за кој не се зборува доволно“ – вели Тајлер.