Кога Алисон Офер се разбудила со болки во стомакот утрото на 21 декември 2016 година, не ни помислувала дека за два дена ќе стане мајка. 23-годишната студентка дознала дека е бремена само 30 минути пред да се породи.
Во отворено писмо, таа го раскажа своето искуство и им се заблагодари на сите што ја поддржуваа по породувањето.
Тоа утро, Алисон чувствувала болни грчеви во стомакот, но ги игнорирала мислејќи дека е време за нејзиниот менструален циклус. Следниот ден, на 22 декември, грчевите биле неподносливи. Иако родителите цел ден ја молеле да ја однесат во болница, таа одбивала. Вечерта со мајка ѝ одлучиле за секој случај да направат тест за бременост, но тестот бил негативен.
„Подоцна следуваше уште еден грч. Ја погледнав мајка ми и ѝ реков: Мора да одиме, нешто сериозно не е во ред тука. Откако помина грчот, бев добро и реков дека не мора да одиме. По неколку минути, следуваше уште еден и знаев дека веднаш мора да тргнеме ако сакав да стигнам на болница пред да ми се случи нешто... Мислев дека ќе умрам“ – напиша таа.
Следувале бројни прегледи, а бидејќи домашниот тест за бременост бил негативен, опцијата дека се работи за пораѓај веднаш била отфрлена.
Бидејќи крвната слика покажала покачени леукоцити, доктор ѝ извршил преглед на Алисон и нашол грутка на стомакот. Следувал преглед со ултразвук кој всушност ја открил причината за болките.
„Одеднаш мојот доктор влета во собата, заедно со уште 10 други медицински лица. Додека тие ја полнеа мојата соба, јас се подготвував за најлошите можни вести – дека умирам. Имаше многу доктори и сестри во собата и поради целото тоа чувство на итност знаев дека она што ми се случуваше е нешто сериозно.“
„Тогаш докторот ми се обрати со зборовите: ‘Дали некогаш претходно си била бремена?’ Се разбира збунето реков НЕ. Ми рече: ‘Изгледа дека си бремена 38 недели и си отворена 10 сантиметри. Пред породување си и мораме да те одведеме горе и да те породиме веднаш!!!’“ – објаснила Офер.
„ШТО? КАКО? НЕ Е МОЖНО!“ – додала таа.
Алисон била во кратка врска девет месеци претходно, но воопшто не помислувала дека е бремена бидејќи имала нередовни менструации.
„Се шокирав. НЕ бев подготвена за бебе. Не можев да имам бебе. Пребледев и започнав да плачам и да врескам. Бев преплашена“ – пишува изненадената мајка.
Додека ја носеле во породилната сала, Офер постојано прашувала дали бебето е во ред затоа што неколку дена претходно изведувала гимнастички вежби.
Бебето било во ред, но таа не била. Имала прееклампсија и морала да се породи веднаш со царски рез. Во собата покрај неа постојано била мајка ѝ.
„Постојано ѝ повторував на мајка ми дека нема шанси да извадат бебе од мене. Не беше можно. Сè уште го немав прифатено фактот дека ќе имам бебе. Целото време додека лежев на операционата маса, го одрекував тоа. Немаше шанси да сум бремена. Не можеше да биде вистина. Можев да осетам тргање, но немаше болка.“
„Ми рекоа дека е време да го извадат бебето и дека ќе почувствувам притисок. Ми се чинеше како цела вечност чекањето да ми кажат дека бебето излезе. Потоа слушнав дека рекоа: Време на раѓање: 3.31 наутро. Со мајка ми се погледнавме и само рековме: ‘Плачи, Те молам плачи. Те молам почни да плачеш малечко бебенце’ за да знаеме дека е добро и здраво. Конечно тоа почна да плаче, исто како и ние. Шокирана бев што го слушав моето бебе како плаче. Не можев да го видам, но можев да го слушнам. Ни рекоа дека е момче. Во нашата фамилија се немаше родено момче 43 години“ – пишува Алисон.
Момчето го добило името Оливер Дејвид Офер, а на среќната мајка ѝ било најубавиот божиќен подарок.
„Моите родители беа шокирани, но ми дадоа екстремна поддршка. Оливер им е прв внук и премногу го сакаат. Пресреќна сум што ги имам моите родители“ – се зборорвите со кои Алисон го завршува писмото.