Почетна » Семејство » Бременост » 8 најчести стравови на жените поврзани со породувањето

8 најчести стравови на жените поврзани со породувањето

Мајчинството е сон на секоја жена, а раѓањето последниот чекор до најсреќниот момент и првата средба со кревкото новороденче. Но, бременоста и породувањето кои се вовед во мајчинството се проследени со неизвесност која раѓа основани и неосновани стравови.

Трудница

Трудниците истовремено се возбудени и исплашени. Како што наближува датумот за пораѓај, така расте интензитетот на тие измешани чувства и се раѓа паника. Прворотките постојано во главата си поставуваат најразлични прашања како „Дали ќе ги издржам болките?“ и „Дали ќе биде неопходно да ме пресечат таму долу?“ и пишуваат куп сценарија во кои водењакот им пука во јавност или се породуваат во автомобил или на улица.

Еве кои стравови поврзани со породувањето најчесто се јавуваат кај идните мајки и зошто не треба да ви предизвикуваат преголем стрес:

1

Предвремено породување

Предвременото породување е една од најужасните помисли на идните мајки. Никој не сака да го види своето бебенце во инкубатор или со цевки во носето. Носењето на бебето до крајниот термин е желба на сите трудници.

Добрата вест е што ако не спаѓате во ризичните групи (повеќекратна бременост, историја на предвремено породување или недоволно развиена матка), не треба премногу да се загрижувате. Се разбира дека веројатност од рано породување секогаш постои, но таа е многу мала. Можеби ќе ви биде утеха и фактот што најголем дел од случаите на предвремено породување се во периодот од 34. до 37. седмица од бременоста, кога ризикот од сериозни компликации е помал.

Откажувањето на цигарите и алкохолот, балансираната исхрана и редовните прегледи значително го намалуваат ризикот од предвремено породување.

2

Пукање на водењакот во јавност

Се разбира дека обвивката со плодова вода може да пукне каде било, но тоа не е како што ни го прикажуваат на филмовите. Вистината е дека помалку жени го започнуваат породувањето со пукање на водењакот. Најчесто контракциите започнуваат пред истекувањето на плодовата вода, па најверојатно вие веќе ќе бидете в болница кога ќе дојде до прскање на водењакот.

А и да не сте на болница, тоа нема да биде толку голем настан колку си претставувате. Да, во ретки случаи количеството плодова вода е поголемо, но најчесто тоа е тенок млаз кој постепено тече. Можеби мокрите панталони за другите ќе изгледаат како да сте се подмокриле, но големото стомаче ќе биде доволен знак дека се работи за породување. Верувајте дека во тие моменти нема да мислите на мокрите панталони, туку на првата средба со вашето дете.

3

„Што ако не стигнам на болница навреме?“

Сигурно сте гледале филм во кој главната актерка се породува на јавно место затоа што не може да стигне до болницата или сте наишле на видео во кое идната мајка се породува сама во автомобил. Во реалноста, породувањето не напредува така брзо како на филм, а освен тоа, кај нас, поради малото растојание, брзо се стигнува до болница.

Породувањето не доаѓа неочекувано и без предупредување. Факт е дека породувањето бара време, особено ако станува збор за прва бременост. Болките се лесно препознатливи и најверојатно по првата контракција ќе имате доволно време да се истуширате и да се подготвите пред да тргнете на болница.

4

„Што ако болките се толку силни што не би можела да ги издржам?“

Силните болки се неизбежен дел од процесот на породување, па за многу жени тие се причина за паника. Она што треба да го знаете е дека жените се справувале со раѓањето отсекогаш, долго пред да се појават лековите за намалување на болката и епидуралната анестезија. Телото на жената е создадено за чинот на породувањето, а вашата способност да се справите со болката е многу поголема отколку што си мислите. Се вели дека стравот од породувањето е многу полош отколку самото породување.

Доколку имате можност, посетувајте часови за трудници на кои ќе ве подготват за она што доаѓа, ќе ви го намалат стравот од непознатото и ќе ве научат на техниките за дишење и релаксација. Жените кои ги посетувале овие часови се поуверени дека можат да се справат со болките.

5

Предолго породување

Се плашите дека неколкудневниот пораѓај на вашата мајка ќе се повтори и кај вас? Точно е дека породувањето не се случува за неколку минути, но не трае ни вечно.

Кај прворотките, од првите болки до породувањето обично изминуваат 10-20 часа, а многу малку доктори би дозволиле да изминат 20 часа по истекувањето на плодовата вода. Не грижете се дека нема да имате сила да го донесете вашето малечко на свет. И самите ќе се изненадите од вашата издржливост.

6

Засрамувачки „инцидент“ за време на породување

Слушнатите приказни или споделените искуства за валканите „инциденти“ што можат да се случат во родилната сала сигурно полека се претвораат во ваш кошмар. И нормално, кога замислувате цела екипа сестри и доктори кои зјапаат меѓу вашите нозе.

Празнењето на цревата не е нешто невообичаено кога се обидувате да напнете со цела сила за да го извадите од стомакот вашето бебе. Она што треба да го знаете е дека сите околу вас веќе виделе сè, па вие не можете да им сервирате ништо ново. А и најверојатно нема да ве интересира што се случува наоколу. Вашите мисли ќе бидат целосно насочени кон доаѓањето на свет на вашето ангелче.

7

Итен царски рез

Околу 20-30% од бебињата се раѓаат со царски рез, а бројот на извршени операции од овој вид се зголемува од година во година. Добрата вест е што најголем дел од нив се планирани операции, т.е. мајката знае дека породувањето ќе биде извршено со царски рез. Царскиот рез најчесто се изведува ако претходно сте се породувале на овој начин, ако имате повеќекратна бременост, ако бебето е преголемо за вагинален пораѓај, ако бебето е во карлична положба или покажува знаци на фетален дистрес или ако папочната врвца е обвиена околу вратот на бебето.

Малку се мајките кои се породуваат со итен царски рез. Но, ако докторот процени дека ви е неопходен, верувајте дека има силна причина зад неговата одлука.

8

Епизиотомија или сериозно раскинување на перинеумот

Засекување на вагината, раскинување на перинеумот – звучи страшно, нели? Епизиотомијата е хируршки засек направен за да се зголеми вагината за време на породување, кога има потреба од тоа. Иако звучи страшно, дури и да е неопходно да ви биде извршена епизиотомија, вие нема да почувствувате голема болка поради притисокот на главата на бебето на перинеумот.

Кога докторот ќе процени, овој рез може да биде избегнат, но тогаш има ризик од спонтано раскинување на перинеумот. Спонтаните раскинувања на перинеумот се сериозни само во 4% од случаите, па затоа не треба да ве загрижуваат.

Информирајте се повеќе за самото породување и не се двоумете дали да му ги поставите неодговорените прашања на вашиот доктор. Колку повеќе знаете, толку помирни ќе бидете за време на големиот ден.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.