Дали би го дале својот живот за да го спасите животот на вашето дете? Кариса Бјугл ја направила најголемата жртва за нејзиниот син да може да дојде на овој свет.
Кога 34-годишната мајка од Колорадо отишла во болница за да се породи, докторите откриле дека таа страда од ретка здравствена состојба наречена емболија со плодова вода, која води до откажување на органите со фатални последици.
Во моментот кога срцето на малото бебенце започнало да забавува, Кариса ја донела својата последна одлука и побарала од докторите веднаш да ја породат со царски рез. Одложувањето на царскиот рез можело да го спаси нејзиниот живот, но во тој случај, бил огромен ризикот бебето да не преживее.
Малечкиот Деклан Бјугл бил роден на 4 ноември, а кратко по неговото раѓање, неговата мајка издишала за последен пат. Кариса била свесна дека безбедно го родила Деклан, бидејќи пред смртта прашала колку е голем.
Покрај бебето Деклан, Кариса и сопругот Вес имаат и ќерка. Сега Вес вели дека најтешката задача за него ќе биде да им објасни на неговите деца каде е мајка им. „Тоа е тешкиот дел, како да му објаснам дека мајка му почина додека го раѓаше него. Како да им објаснам на двајцата каде е мајка им кога ќе прашаат каде е мама?“
Поради одлуката која пожртвуваната мајка ја донела, нејзиното семејство и роднините ја нарекуваат „ангел“. „Кариса избра да го жртвува сопственото тело и да го спаси животот на нејзиниот син“ – напиша Тинес, пријателката на Кариса, на GoFundMe.
„Таа дојде во болницата за да стане мајка и го направи она што требаше да го направи“ – изјавила сестрата на Кариса Марен, нарекувајќи го Деклан „чудо“.