Кога некое животно ќе биде посвоено, се вели дека имало среќа. Но, во случајот со посвојувањето на мачорот Падинг (Pudding), среќа имала жената која го посвоила.
Само неколку часа по посвојувањето, мачорот Падинг ѝ го спасил животот на својата нова сопственичка Ејми Јунг, која имала напад предизвикан од дијабетес.
Ејми го посвоила Падинг откако со својот син Итан отишле во центар за животни за да може тој да си поигра со мачки. Откако го здогледала Падинг, веднаш решила да го посвои, а исто така го посвоила и пријателот на Падинг, Вимзи (Wimsy).
Истиот ден, Ејми, која страда од дијабетес од 4-годишна возраст, легнала да спие и околу час и пол подоцна добила напад. Падинг со целата своја тежина ѝ се качил на градите, а откако видел дека не се буди, започнал да ја удира по лицето со шепите и да ја гризе за носот.
„Направи сè што можеше за да ме извлече“ – изјавила Ејми. Падинг успеал да ја разбуди Ејми и грчевите престанале доволно долго за да може да викне по својот син за помош. Но, Итан не одговорил. Тогаш, мачорот станал уште поинвентивен, истрчал во собата на Итан и скокнал на неговиот кревет.
Итан веднаш повикал помош, а подоцна раскажал дека не ни претпоставувал дека нешто не е во ред сè додека големиот мачор не скокнал на неговиот кревет.
Среќната Ејми е убедена дека немало да ја преживее ноќта ако не бил Падинг. „Ако нешто или некој не ме извлечеше од тоа, сега немаше да бидам тука“ – признала таа.
Уште поинтересно е што сега Падинг седнува на нозете на Ејми и мјаука ако шеќерот во крвта ѝ е низок.
Експертите велат дека не е невообичаено животните да чувствуваат кога нивниот сопственик е болен или да помагаат кога имаат здравствен проблем.
Во 2007 година веста за мачорот Оскар го обиколи светот. Тој ја предвиде смртта на 25 лица во старечки дом со тоа што им се умилкуваше во последните часови пред смртта.
Психологот за животни Роџер Магфорд изјавил дека иако и мачките можат да ја почувствуваат болеста, тие тоа го прават многу поретко од кучињата.
„Кучињата многу добро ги чувствуваат емотивните промени и кога луѓето се депресивни или неактивни, тие многу добро ги утешуваат“ – изјавил тој.