Прекрасна вест беше споделена од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Бебенце, кое беше родено со тежина од само 520 грама, сега во добра здравствена состојба си замина дома кај родителите во Кичево.
Малата хероина Дуа сега тежи 1.890 грама.
ДУА ЗАМИНА ДОМА ПО 131 ДЕН ПОМИНАТ НА ЈЗУ У ГАК
По 131 ден поминат на ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, малата Дуа со солзи радосници ја испративме дома.
На 12 март таа се роди во 24-та гестациска недела, со само 520 грама и по повеќе од 4 месеци престој на Одделението за интензивна нега и терапија (ОИНТ), ектремното прематурче си замина како здраво бебе со тежина од 1890 грама.
Дуа како вистинска мала дама си замина во фустан од нашата клиника и си отиде со мама и тато во Кичево, кои се пресреќни што конечно нивното прво бебе ќе си го гушкаат во својот дом.
Малата Дуа, еден од нашите најголеми борци, овие 4 месеци и 11 дена секојдневно ја добиваше медицинската нега и безграничната љубов од педијатрите, медицинските сестри и од целиот персонал на ОИНТ, кои посветено се бореа заедно со неа.
ЈЗУ У ГАК и посакува многу здравје и среќно и безгрижно детство, во надеж дека секогаш ќе ве радуваме си среќни приказни за нашите најмали новородени.