Атлетичарка со алопеција не дозволува негативноста да победи и на злобните онлајн коментари возвраќа со љубезност.
Линдзи Волтер ги изгубила сите влакна на телото на 2-годишна возраст како последица на автоимуната болест. Уште од самиот почеток се соочила со исмејување, зјапање и чувство на изолираност. Потребни биле 20 години за да се прифати себеси онаква каква што е, но неодамна се соочила со негативно искуство кое ја расклатило нејзината самодоверба.
Волтер објави фотографија на која трча на маратон, но наиде на злобен коментар кој ја натера да го избрише постот.
„Ја споделив оваа фотографија претходно, зашто бев горда на мојот труд на Лондонскиот маратон, но потоа некој искоментира: ‘Изгледаш како болен, грд маж’. Во тој момент се почувствував поразено и ја избришав“.
„Но, сега НЕ. Не дозволувам да победи негативноста на другите. Ја обожавам оваа фотографија“ – напиша таа и повторно ја објави фотографијата.
Одговорот на корисниците на социјалните мрежи бил неверојатен. За само 24 часа, нејзината објава стана вирален хит со илјадници позитивни и охрабрувачки коментари кои ѝ го наполниле срцето со љубов.
„Љубезноста секогаш победува“ – е заклучокот на Линдзи.
Изминативе 24 часа беа виор.
Оваа фотографија си ја купив зашто многу ми се допадна. Никогаш не купувам фотографии, но оваа ми беше специјална. Само што ја објавив, некој коментираше: „Изгледаш како болен, грд маж“.
Знам дека не треба да дозволувам туѓите негативни коментари и злобните срца да ме засегнат, но понекогаш е полесно да се каже одошто да се направи. Уште од дете ми било „тригер“ кога ќе ме наречеа машко.
Откако си одделив време, сфатив и се потсетив себеси колку многу нешта надминав со алопецијата и трчањето и со колку многу нешта треба да се гордеам. Повторно ја објавив фотографијата избирајќи да не дозволам негативноста да победи.
Одговорот беше ЛУД... 99,9% од коментарите беа полни со многу љубов и охрабрување. Се вратив на мојот атлетски врв и сум повеќе од благодарна за љубезноста од другите. Имам многу барања за интервјуа и ова е неверојатно. Прекрасно е да се види доброто во другите.
Поплочувањето на патеката за другите лица со алопеција не е секогаш лесно, но знам дека го имам божјиот штит околу мене.
ЉУБЕЗНОСТА СЕКОГАШ ПОБЕДУВА.
Ниската свест кај луѓето за нејзината состојба честопати води тие погрешно да претпоставуваат дека таа е тешко болна или дека има рак. На тоа, таа вели:
„Повеќето луѓе се обидуваат да бидат мили, но ако мислите дека имам рак, можете да го задржите тоа за себе. Не треба вие да ми кажувате колку ‘здраво’ изгледам“ – вели таа.
„Потребни ми беа многу години, но да ја гледам мојата алопеција како благослов е најголемата целна линија“ – пишува Линдзи на еден од своите постови.
Светот имаше можност да научи нешто повеќе за оваа автоимуна болест во март минатата година, кога актерот Вил Смит му удри шлаканица на Крис Рок на сцената на Оскар поради невкусната шега за ќелавата глава на неговата сопруга Џејда која страда од алопеција.