Почетна » Новости » Животни стории » „Жал ми е. Не ве разбирав“: Медицинска сестра болна од рак им се извинува на пациентите

„Жал ми е. Не ве разбирав“: Медицинска сестра болна од рак им се извинува на пациентите

Медицинска сестра на оддел за онкологија, на која неодамна ѝ бил дијагностициран рак, им се обрати на сите свои пациенти за да им се извини што не ги разбирала.

Линдзи Норис во емотивен есеј ги опиша чувствата кои ги имаат сите лица болни од рак, но кои другите не можат да ги разберат, дури ни кога се медицински лица. Линдзи е мајка на 3-годишен син и 7-месечна ќерка, a секојдневно се труди да има нормален живот додека ја води најтешката битка во својот живот.

Линдзи

Прочитајте го нејзиниот текст:

Драг пациенту болен од рак кој сум те негувала, жал ми е. Не те разбирав.

Оваа мисла ми тежи на срцето уште од мојата дијагноза. Работам на онкологија речиси целиот мој живот. Се гордеев со себе што се поврзував со моите пациенти и што им помагав да се справат со ракот и со сè што доаѓа со него. Навистина мислев дека разбирам, навистина мислев дека знам какво е чувството да поминуваш низ тоа патување. Не разбирав.

Не разбирав како е навистина да ги слушнеш зборовите. Сум била на безброј разговори за соопштување на дијагноза, во многу прилики дури и самата сум ги соопштувала вестите, но бизарно е да си личноста за којашто зборува докторот. Се обидуваш да ги слушнеш деталите и да внимаваш, но всушност само сакаш да зачуваш нормален израз на лицето онолку долго колку што е потребно, можеби да поставиш едно соодветно прашање и да се изгубиш побрзо оттаму.

Веројатно отиде дома и се скрши од тежината на она што предмалку ти беше кажано. Веројатно седеше во тишина и неверување со часови пред да започнеш да се преправаш дека сè е во ред на работа или на друго место, затоа што сè уште не ги знаеше деталите и сакаше сè уште да го чуваш во тајност. Веројатно не знаеше од каде да започнеш, а твојот ум веднаш отиде на темно место. Тој ден е најлошиот. Жал ми е. Не разбирав.

Не разбирав колку е лошо чекањето. Процесот на поставување дијагноза трае вечно. Различни консултации, биопсии, испитувања и процедури... Поминуваш низ сè, обидувајќи се да останеш позитивен, но во тој момент, немаш претстава со што се соочуваш, а непознатото е ужасно страшно. Знаењето дека ракот е таму, а ти не правиш ништо за да го излечиш е грозно чувство на беспомошност. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав колку тешко е да им ја кажеш веста на другите луѓе. Не знаеш што да кажеш. Тие не знаат што да кажат. Никој не знае што да каже, но има олеснување кога зборовите ќе потечат... Конечно таа ужасна тајна којашто ја чуваше во себе излегува и твојот систем на поддршка започнува да расте. Жал ми е. Не разбирав.

Не разбирав колку многу се држеше за зборовите кои ти ги кажував. Ги повторуваше во твојот ум стотици пати. Дали сум мислела ова или она... се прашуваше дали ме разбра. Ми се јави повторно за да се осигуриш. И можеби повторно кога некој од пријателите те запраша „Што е со...?“ Ги прашуваше и другите сестри за да видиш дали ќе ти дадат ист одговор. Те молам, знај дека ние сме среќни кога добиваме милион повици на ден со истите прашања додека ти не пронајдеш смисла во тоа. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав колку многу пребаруваше на Google. Ти реков да не го правиш тоа. Ти го правеше, многу – како и јас. Бараше информации, надеж, приказни како твојата, успокојување. Невозможно е да не го правиш тоа. Мојот нов став е дека треба само да знаеш што е добар извор кога пребаруваш. Јас ќе ти помогнам да научиш да ги филтрираш информациите. Ти ветувам дека ќе ти дадам повеќе информации, зашто знам колку многу копнееш по нив. Не е реално да си мислиш дека ја имаш силата да не пребаруваш воопшто. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав како е постојано да добиваш тажни погледи. Додека чекореше во ходникот на работа или кога некој за првпат ќе дознаеше за дијагнозата. Добиваше накосување на главата и нежно „Како сиии?“ Брзо се соземаше за да го кажеш извежбаниот генерички одговор: „Многу сум добро, уморна, но се држам“. Не ме сфаќај погрешно. Знам дека ги ценеше сите добри желби и грижата, но ти требаше долго време додека да навикнеш на сожалувањата. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав колку луд може да те направи ракот. Буквално да се прашуваш дали си ја изгубил секоја функционална мозочна клетка. Особено кога се соочуваше со страничните ефекти или со други симптоми. Можеби имаше главоболка или температура или болка во зглобовите, но не беше сигурен дали тоа е поврзано со ракот. Се прашуваше дали тоа е знак на напредок, дури и кога тоа немаше смисла. Се надевам не се чувствуваше отфрлено кога ми се јави да ме прашаш за тоа, а јас ти реков да не се грижиш. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав колку збунувачки се „опциите“. Во некои случаи има повеќе од еден избор. Ме молеше за соработка и да ти кажам што би направила кога би била на твое место. Го мразев тоа прашање, но сега те слушам. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав колку е тешко да прифатиш помош. Особено мајките. Тоа не беше нешто кое си свикнал да го правиш – но, ти требаше. Чувствуваше срам да си признаеш дека немаше да ги преживееш првите месеци без храната, пораките, поддршката и другата помош која ти беше давана. Се чувствуваше благословено и единствено се надеваше дека и ти би го направил истото за нив. Сè уште се прашуваш дали доволно пати кажа „благодарам“ или си пропуштил прилика да возвратиш. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав кога ми рече дека си уморен. Да, постојат зборови како истоштеност и екстремен умор, но треба да има посебен збор само за пациентите болни од рак, бидејќи тоа е парализирачко. Навистина. Има денови кога вистински се прашуваш како ќе продолжиш понатаму. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав колку е чудно да го гледаш твоето тело како се менува толку брзо. Стоеше пред огледалото, гледајќи се себеси со неверување. Можеби беше екстремно отечен, можеби тоа беа лузните, можеби беше губењето на косата, можеби беа килограмите кои се топеа додека ти даваше сè од себе за да јадеш колку што можеш. Тешко е, твојот изглед е поврзан со твојот идентитет повеќе одошто сакаш да си признаеш, а ова беа постојани потсетници со што се соочуваш. Само сакаше да се чувствуваш како себеси. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав колку многу се грижеше за твоите деца. За ова, најмногу ми е жал. Требаше повеќе да ти зборувам за нив, не само во смисла на поставување на ограничувања или бактерии. Ти се грижеше како тоа ќе влијае на нив. Се грижеше дека тие ќе бидат исплашени и збунети. Се грижеше дека ќе ги напуштиш. Жал ми е. Не те разбирав.

Не ја разбирав вината која ја чувствуваше. Особено ако беше во брак. Мислеше колку е нефер што твојата половина мора да го носи товарот – ментално, да ти помага да бидеш фокусиран и смирен и физички, дома да се справува со константните домашни обврски. Сфаќаше дека сите си ветуваат во „во болест и во здравје“ кога стапуваат во брак, но и покрај тоа, чувствуваше дека не го заслужува ова. Чувствуваше благодарност кога ќе слушнеше „оди одмори се, јас ќе се погрижам за децата“, но срцето те болеше додека слушаше како си играат во другата соба далеку од тебе и постојано се прашуваше дали тоа е поглед во нивната иднина во која те нема тебе. Жал ми е. Не те разбирав.

Не разбирав дека тоа никогаш не престанува. Никогаш. Ти кажував дека ракот ќе биде само фаза во твојот живот. Нешто слично на средното училиште – ти се чини дека се провлекува и провлекува кога си во неа, но набрзо тоа ќе биде само спомен. Се извинувам ако тоа направи да се чувствуваш маргинализирано, но тоа не е фаза. Да, постојат фази, лекувањето нема да трае вечно, но ти си променета личност сега. Грижите нема да престанат, несигурноста нема да престане, стравот од повторување или од ужасен крај нема да престане. Слушам дека станува подобро, времето ќе покаже. А времето е скапоцено. Жал ми е. Не те разбирав.

Морам да признам. Веројатно имав полесен почеток од тебе. Го знаев јазикот, вистинските луѓе, работам каде што се лекувам – поудобно ми е. Гледав многу од вас како маршираат низ овој ужасен кошмар со храбро лице и посветеност, без да знаат ништо повеќе за ракот од тоа дека не сакаат да го имаат. Отсекогаш сте ми биле инспирација и го сакам секој еден од вас. Ништо не ме прави посреќна од глетката дека ги постигнувате вашите цели и бавно се соземате. Обожавам кога имам посети или картички од оние од вас кои се здрави неколку години и се справуваат одлично, тоа е добро за душата на сестрите на онкологија. Дури и кога медицинските лица не знаат вистински како е да се на ваше место, во ред е. Никој не знае. Само се надевам дека сè уште ќе можам да ви давам насоки и сила за да ви помогнам да поминете низ лекувањето за рак. Дури и ако не ве разбирам.

Ве сака,

Линдзи, сестра на онкологија

Линдзи во моментов минува низ третмани со зрачење и хемотерапија.

Линдзи Линдзи Линдзи

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20804 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.