Почетна » Новости » Актуелно » „Секој има свои 5 минути на светење“: Интервју со Надја Петровиќ, талентирана уметница која фасцинира низ светот

„Секој има свои 5 минути на светење“: Интервју со Надја Петровиќ, талентирана уметница која фасцинира низ светот

Со изложбата „Кршливоста на светулките“, Надја Петровиќ го круниса својот најнов сликарски циклус, дефинирајќи го уште посилно својот уметнички израз.

Фокусирајќи се на човекот и неговите емотивни и афективни состојби, талентираната девојка по вторпат се претстави пред македонската публика со мултимедијален настан во Музејот на град Скопје, кој е отворен за посетители до 15 април.

Надја Петровиќ Надја Петровиќ

Младата артистка, која љубовта кон сликањето ја одведе од „Мал битолски Монмартр“ до Академијата за ликовни уметности во Фиренца каде и магистрираше на одделот за визуелна уметност и нови јазични изразувања, сега успешно се пробива во уметничките кругови во светски рамки.

Нејзините дела фасцинирале од ѕидовите на престижни галерии, а повеќе за визијата, инспирацијата и досегашните искуства, ќе дознаете од нашиот разговор.

Уметничката збирка „Кршливоста на светулките“ ти е второ претставување пред домашната јавност. Какви ти се импресиите за изложбата која привлече голем број љубители на уметноста?

Импресиите сè уште ги собирам. Секако сум прилично изненадена од големиот број на посетители кои што ја посетија изложбата, а особена чест и задоволство ми претставува заинтересираноста на македонската публика.

Голема благодарност на целиот тим на Музеј на град Скопје кој поради заинтересираноста на самата изложба, реши да биде продолжена и целосно поставена до 15.04.2023 за оние кои не успеаја да ја видат.

Надја Петровиќ Надја Петровиќ Надја Петровиќ

Човекот е во сржта на актуелната изложба. Може ли да ни доловиш од каде дојде поврзаноста на светулките со човекот и која е пораката која се проткајува низ новите дела?

Секој има свои 5 минути на светење, како и светулките кои живеат кратко и згаснуваат, така и човекот.
Надја

Концептот на „Кршливоста на светулките“, или како што ко-кураторот Гордана Велков го нарече „Парадигмата на човековите состојби“, е концепт кој прави паралела помеѓу човекот и светулките.

Светулките кои долго ги истражувавме со стручни лица од областа на ентомологијата, нè доведоа до сознание дека како инсекти се премногу нежни и им се потребни посебни услови за да можат да опстанат и така се роди насловот – Кршливоста на светулките.

Симболиката е во перцепцијата на животот низ призма на добро и лошо, успех и неуспех како и што тоа навистина преставува успехот во животот, што тоа е од клучна важност за човекот да биде среќен. Секој има свои 5 минути на светење, како и светулките кои живеат кратко и згаснуваат, така и човекот.

Парадигмата „Кршливоста на светулките“ е диоптерот помеѓу стварноста и можностите, кој ни помага да ги препознаеме вредностите, кои ни ги отвораат видиците по кои стануваме морално етички, пософистицирани и „подобри личности“.

Надја Петровиќ

„Кршливоста на светулките“ не е стандардна изложба туку мултимедијален проект, кој освен твоите дела, инкорпорира и музика од браќата Тавитјан во соработка со светски познати гости, како и изјави од балкански и светски ѕвезди. Како се роди идејата за проект од овој тип и кои беа предизвиците да се спојат талентирани лица од различни страни на светот?

Голем предизвик и чест ми беше да соработувам со еминентни музичари
Надја

Идејата на самиот проект од самиот почеток беше да се собереме повеќе уметници кои имаме иста идеја и духовна порака.

Музиката која ја изработуваа светски познатите музичари Браќата Тавитјан е џез/фјужан и е премногу слична со стилот и изразот на моите дела. Оние кои ги разбираат добро правците во музиката и визуелната уметноста, можат многу лесно да ја најдат паралелата. Голем предизвик и чест ми претставуваше да соработувам со еминентни музичари, виртуози и Греми добитници, кои се научно врежани во историјата на музиката.

Надја Петровиќ

Сликаш во голем формат и вметнуваш елементи на концептуална уметност. Кога започна љубовта кон пространите платна и што те привлекува кон концептуализмот?

Новото време и новите технологии налагаат нови начини на размислување, а сликарството и уметностите се огледало на едно време, простор и место.

Концептуалната уметност е наука којашто бара многу знаење и созреаност и не може да ја работи секој, бидејќи лесно може да изгуби смисла, доколку уметникот не е подготвен за тоа.

Пространите платна на големите италијански мајстори секогаш ме фасцинирале. Со совршениот избалансиран колорит и композицијата која што е совршено сместена во самото дело, даваат една грандиозност кај самото дело, во што бев фасцинирана уште од најмала возраст.

Надја Петровиќ Надја Петровиќ Надја Петровиќ

Уметничко образование имаш стекнато во Фиренца, а се имаш едуцирано и во Лондон. Колку калењето на твојот талент во странство ти го промени сликарското изразување?

Секако дека многуте години работа и учење во едни од главните центри на уметноста, како што се Фиренца и Лондон, градови со огромно културно и уметничко наследство, имаа големо влијание врз моето изразување. Самата средина придонесува кон отворање на погледите и вистинските вредности, но исто така, клучен фактор се многуте часови работа и учење.

Њујорк, Виена, Фиренца, Сан Диего, Делавер... си изложувала во повеќе уметнички центри низ светот. Има ли едно место каде си се чувствувала најкомфорно и ценето, како да си меѓу свои луѓе, или пак насекаде си подеднакво прифатена и вреднувана?

Секаде сум била многу добро прифатена, иако сме сите свесни дека вредносниот систем во Америка и во Европа не е воопшто ист.

Европа има стар вредносен систем кој се базира на традиција, многу години работа, знаење… а што се однесува до Америка, сè што е добро направено со знаење и запазени норми и стандарди е лесно прифатливо.

Со делото „Never on Sunday“ остави своја трага во реномираниот Музеј на американска уметност „Бигс“, што е вистинска почест, бидејќи беше странец во средина каде изложуваат само „локалци“. Каков беше фидбекот од публиката и тамошната експертска јавност?

Многу го ценам тоа што во музејот „Бигс“ направија отстапка за артист странец како мене
Надја

Тоа излагање ми е посебно драго, бидејќи сепак се работи за многу значајна институција и прифаќање од една многу високо образована критична јавност, како и целиот тим на експерти кој работи во самиот музеј. А и секако го ценам многу тоа што направија исклучок за артист како во случајот за мене, зашто мораа да имаат многу добро издржани аргументи зошто ја направија таа отстапка.

Неблагодарно е да се прашува уметник да издвои едно свое омилено дело, но дали имаш слика којашто ти е посебно драга?

Не би можела да одвојам едно дело. Во животот, човек поминува низ различни фази, а со тоа и самото творештво на еден уметник. Имам некои дела кои ми се драги поради некои излагања и слично, но не би можела да одвојам едно дело.

Надја Петровиќ Надја Петровиќ Надја Петровиќ

Кои артисти се твоја најсилна инспирација досега?

Немам еден омилен артист или два-три артисти кои ми се некоја посебна инспирација, меѓутоа можам да набројам неколку артисти кои за одредени работи кои што ги направиле им оддавам посебна почит. Одреден артист ми се допаѓа во интерпретацијата, друг во колоритот, трет во тематиката. Би се осмелила да набројам неколку на пример: Лусијан Фројд, Френсис Бејкон и Ај Вејвеј.

Како млад креативец, веројатно веќе имаш замисли за следен проект, или можеби веќе работиш на следниот творечки циклус. Што да очекуваме од тебе? Какви ти се плановите за блиската иднина?

Секако дека се работи на следниот творечки циклус, а исто така паралелно се работи и на тоа да оваа целосна поставка биде изложена и надвор од границите на нашата држава.

Надја Петровиќ Надја Петровиќ

Фото: Александар Буневски/ Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 14%
  • 24%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 22205 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.