Владата на денешната седница ги разгледа предлозите од Комисијата за заразни болести за олеснување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
И официјално од утре престануваат да важат забраните за движење, односно целосно се укинува полицискиот час.
Премиерот Оливер Спасовски соопшти дека од четврток (28 мај) ќе се отворат угостителските објекти со прецизно утврден соодветен протокол за работа во отворените делови.
Државниот карантин, кој беше задолжителен при влез во земјата за македонските граѓани, се заменува со домашна самоизолација.
„Задолжителниот државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија, кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои се заменува со домашна изолација доколку лицата кои влегуваат на територијата на Република Северна Македонија, приложат PCR тест за коронавирус КОВИД-19, негативен, направен во последните 72 часа пред да влезат“ – појасни Спасовски.
Што се однесува до отворањето на границите, засега нема прецизиран датум, но Спасовски најави дека за многу кратко време патувањето во регионот ќе биде регулирано во интерес на граѓаните на сите земји.