Македонската прва дама присуствуваше и се обрати на конференцијата „Придонесот на Ромките во македонското демократско општество“ што се одржа со нејзина поддршка во Кабинетот на претседателот.
Елизабета Ѓоргиевска ја поддржа иницијативата на ромските женски невладини организации и во својот говор ги охрабри во нивната борба за надминување на стереотипите, предрасудите, родовата дискриминација и ограничениот пристап до основни човекови права.
Сопругата на претседателот Стево Пендаровски на настанот слушна различни искуства на ромските активистки, а целта е да се помести „дискурсот за Ромките од секојдневните стереотипни гледишта“.
„Перспективата на жената Ромка, нејзините издигнувања и падови, нејзината пожртвуваност, истрајност и храброст можеме да ја разбереме само ако ромската жена правично е вклучена во сите општествени процеси, доколку таа самата ја креира перцепцијата за себе си и заедницата од каде што доаѓа и доколку учествува во одлуките кои ја засегаат“ – рече таа.