Тоа што денеска поотворено се зборува за родовобазираното насилство, не значи дека жените порано се чувствувале безбедно на улиците или во својот дом. Клучот поставен меѓу прстите за секој случај додека се враќаш накај дома доцна, часови по самоодбрана, ги проверуваш другарките дали стигнале дома итн. Овие неколку начини на справување, се неспоредливи со тешките и навидум безизлезни насилни ситуации со кои се соочуваат многу жени и девојки секојдневно. Она што можевме да го прочитаме на сведоштвата искажани преку #СегаКажувам и #НеОдам, се само еден мал дел од секојдневието што мора системски да се решава. Но, актуализирање на проблемот е само еден од чекорите потребни за да се случи напредок преку националното справување со овој проблем.
Во обид да се изнајде начин со кој може дополнително да се придонесе, УНДП заедно со МТСП, други институции и со сите граѓански здруженија што работат на ова поле, креираат апликација „Биди безбедна“, и тоа на три јазици – македонски, албански и ромски. Оваа апликација е создадена за да се овозможи брза реакција од институциите во случај на родово базирано насилство. Самата апликација има поставено јасни насоки за функционалноста и за можностите што ги нуди за да спречи насилство. Главната цел е дека преку неа може во истиот момент да се дејствува преку две опции: да побараш Помош преку Националната СОС-линија и/или Моја поддршка, каде што имаш однапред одбрано неколку броеви од твојот именик, односно блиски што можат веднаш да ти помогнат. Со самото притискање на тие опции, апликацијата ја испраќа твојата локација заедно со краток текст до надлежните институции и/или личноста по твој избор. Како други опции, односно начини за поддршка, освен јасни инструкции има полиња со важни контакти, дел наречен Моите права, совети, протокол и лични сведоштва на жртви на насилство.
Олеснетиот пристап до сите релевантни институции и граѓански организации, како на локално така и на национално ниво, го униформира и го поедноставува начинот на кој се поддржуваат жртвите од родово базирано насилство. Тоа е многу значајно, особено за некој што се соочува со психофизичко насилство, бидејќи соодветен пристап до информации го демистифицира процесот низ кој некоја жена или девојка треба да помине за да го пријави самото насилство. Освен контакт до СОС-линијата, има и назначени организации што се занимаваат со правниот аспект на заштита, кој е вториот чекор за справување со родово базирано насилство. Патријархалниот вредносен систем ги диктира социо-политичките поставености во општеството и со тоа го продолжува насилството како форма на комуникација, особено ако тоа не наиде на јавно осудување, и општествено и легално. Во реалност што обесхрабрува пријавување на насилството, можноста да се има сè на едно место ќе придонесе до креирање мрежи за поддршка, кои се очајно потребни. Се надевам дека оваа апликација ќе успее да дојде до повеќе девојки и жени, кои треба да знаат дека има крај на насилството.
„Биди безбедна“ би требало да претставува следното скалило за дигитализирање на меѓуинституционалната соработката според Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство (бр138/14 и 33/15). Во самата апликација воедно се наоѓа и протоколот за таа соработка, со детални информации за надлежностите на релевантните институции, како и граѓанските организации под водство на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Меѓутоа, за доближување на информациите, потребно е повеќе од пристап до извадок од службен весник, како што стои во опцијата наречена Протокол. Потребно е дополнително толкување на законот со насоки за заштита. Затоа, тоа е претставено со опцијата наречена „Моите права“ и оттука едукативниот елемент на апликацијата „Биди безбедна“ се засилува. Тука секоја девојка и жена може детално да прочита кои се нејзините права и како да ги реализира. Значајно е што начинот на кој се пренесени правата и советите има и неформален пристап, кој придонесува до апликацијата да има конативна функција. Најчестиот проблем особено во родово базирано насилство е наоѓањето соодветен начин на кој може да си помогнеме или да му помогнеме некому. За жал, во нашето општество сè уште е потребно да се додефинираат сите форми на насилство, со цел самата жртва да знае дека тоа што ѝ се случува е погрешно и постојат механизми за поддршка.
Пoтенцијалот на оваа апликација е поголем со нејзиното насочување кон заштита и превенција, додавајќи го елементот во кој се објаснува кои сѐ форми на насилство постојат. Родово базираното насилство е социо-економски проблем и едукативниот аспект е значаен за негово спречување. Секој може да ве следи физички, но и онлајн, што е во страшен пораст во светот. Неодамна случајот со насилникот што демнел малолетни девојчиња, укажува на дополнителна потреба од разбирање на сите форми на родово базирано насилство, начини за превенција и заштита. Особено бидејќи помладата популација е изложена повеќе на социјалните мрежи, тоа значи дека постои поголем пристап до онлајн начини на кои може да се едуцираат, клучот е како да се стигне до нив. Разбирањето на сите форми на родово базирано насилство, придонесува за зголемена свесност и со тоа заштита од насилни чинови. Една исклучително значајна можност е тоа што влева транспарентност доколку полицијата не реагира соодветно, бидејќи жртвата се потпира на другите опции што ги нуди апликацијата. Како, на пример, да одбереш неколку броеви од твојот личен круг (наречени „Моја поддршка“) или другите организации што се занимаваат со родово базирано насилство, кои можеш да ги побараш напомош. Според новиот закон, за првпат ќе биде санкционирано и непостапувањето соодветно на надлежните институции, кое во минатото се покажало како една од главните причини за обесхрабрување за пријавување од страна на жртвите на насилство.
Во моментов оваа мобилна апликација е достапна за Android и за iOS, но иако има голем број корисници на паметни телефони, она што ќе ја дефинира успешноста на апликацијата како механизам за заштита е достапноста до поширокото население. Заеднички труд на организациите и на институциите е како ќе се стигне до оние жени и девојки што немаат соодветен телефон за користење или комуникациите им се контролирани од насилниот партнер. Тука мора да се искористи капацитетот на локалните координатори/ки за родова еднаквост во општините, чија обврска е да проследуваат и директно да комуницираат со механизмите за поддршка. Во практика, поголемиот товар паѓа врз локалната соработка со организациите што се активен дел од именикот за помош. Без разлика, креирањето на оваа апликација е добар чекор кон изнаоѓање дополнителни начини за спречување родово базирано насилство. Едни од клучните препораки, особено во однос на ковид-19, беа активно информирање на локално ниво и овозможување пристап до сите важни информации за жртвите од родово базирано насилство. Креирањето онлајн апликација, како една од препораките, се покажало во регионот како добар пример за справување со родово базирано насилство за време на ковид-19.
Ние како држава треба да се стремиме кон системско адресирање на изворот на родово базирано насилство во едно општество, но, во меѓувреме, додека тоа се постигне, треба да ги користиме сите механизми за спречување, заштита и превенција од насилство. Биди безбедна.
Автор: Сара Миленковска