Зимата календарски можеби сѐ уште не започнала, но ние дефинитивно чувствуваме дека е на прагот. Не само што температурите се пониски и на повисоките места го имаме првиот снег, туку и пандемијата ни наметнува да останеме што повеќе дома, во друштво на најблиските, и безбедно и на топло да ја дочекаме зимата.
Но, седењето дома се чини не секогаш интересно и често се чувствуваме дури и заглавени, потребна ни е промена, а пак некогаш само еден чекор ни недостасува за да ја направиме таа промена за себе. Затоа, како мала мотивација, подготвивме неколку корисни совети и идеи што би можеле да ги примените за времето да ви биде поисполнето, а вие посреќни и попродуктивни. Можеби некоја од овие ќе биде токму за вас!
- Започнете онлајн курс. Веројатно веќе слушната идеја, но доколку сѐ уште не сте се решиле на таков чекор, можеби е време да се охрабрите. Не само што времето ќе ви биде исполнето, туку ќе научите и нова вештина, која којзнае, можеби и ќе можете да ја примените на вашето работно место или пак приватно. На интернет навистина има голем избор на курсеви од буквално сите категории, дел од нив може да се најдат и бесплатно, меѓутоа доколку навистина сакате да го споите убавото и корисното, и тоа преку македонска компанија, можеби добра идеја е да се приклучите и на некој од курсевите или работилниците на Brainster. Ќе се поврзете со професионалци, ќе научите нешто ново, но и ќе си отворите можност за нова кариера доколку ви е потребна таква промена.
- Посетете онлајн настан. Да, искуството очигледно не е исто како да се посети настан во живо, но кога веќе и немаме некој избор, дури и онлајн настаните можат да бидат начин на забава и опуштање. Деновиве е актуелен концертот во живо на Trans-Siberian Orchestra кој може да се проследи онлајн, па можеби токму едно вакво предновогодишно размрдување ви е потребно.
- Порачајте си книги. Не сте по никакви онлајн активности и потребно ви е време за себе? Па, дозволете си го. Просветно дело, на пример, имаат достапен голем новогодишен попуст кој трае сѐ до 11 јануари 2021 г., па зошто не би си одбрале некаква литература само за вас?
- Започнете штедење за вашите деца. Доколку сте родител, сигурно во ова време-невреме се соочувате со предизвик како да го пополните времето и на вашите деца и како да ги научите нешто ново. Кога се ближи крајот на годината, веројатно не постои подобар момент, на пример да им отворите штедна книшка и да започнете едукација за финансиска писменост и штедење од најрана возраст. Учете ги од мали на големите работи, децата ќе ви бидат благодарни. Појдете заедно на пример во Халкбанк, каде ќе ви биде издадена дизајнирана штедна книшка со слончето маскота Халки, а воедно ќе добиете и подарок, па понатаму можете вложувањето средства да го правите заедно електронски и тоа да стане ваша традиција. На овој начин не само што вашето дете ќе стекне убава навика од мали нозе, туку и ќе му го надополните времето со нешто поинтересно.
- Започнете нова серија. Веројатно не постои некој што не е вљубеник во сериите, особено во време кога сакаме да сме дома, на безбедно и топло. Сериите ни го пополнуваат времето, нѐ водат во некој друг свет и ни даваат чувство на спокој, па доколку не сте започнале нешто ново или немате идеја, еве еден предлог: Во моментов најголемата хит серија на Netflix, направена според роман од 1983 г., е The Queen’s Gambit која ги руши сите рекорди. Тоа е приказна за една млада дама која уште од девојче се вљубува во шахот, а серијата стана толкав хит, што дури и пребарувањата на Google „како се игра шах“ го достигнуваат рекордот во последниве 9 години, а пак продажбата на книгата расте неверојатни 603%, и тоа 37 години по нејзиното издавање.
- Негувајте се, и дома. Тоа што помалку излегуваме, како жени, и не значи дека треба да се запоставиме. Особено во зима, кога временските услови се посурови, на нашето лице и тело им е потребно поголемо внимание и нега. Постојат голем број „рецепти“ за домашни спа третмани и маски, па еве, дури и ние имаме еден едноставен предлог како сами да си направите зимска маска за лице. Сѐ што ви е потребно е алое вера гел, лимонов сок и мед. Помешајте ги сите 3 состојки во еден сад, нанесете тенок слој на лицето и оставете да делува 20 до 25 минути. Потоа исплакнете со млака вода и резултатот ќе го видите веднаш: освежена, хидрирана, чиста кожа, а за долготраен ефект, можете да ја употребувате и на дневно ниво.
- Вежбајте јога, медитирајте. Покрај нега на телото, она што најмногу ни треба веројатно на сите во овој момент, е нега и на умот и духот, а токму јогата ни го овозможува тоа. Доколку веќе не сте започнале, охрабрете се и сторете го тоа. Барем 30 минути, два до три пати во неделата, и тоа од удобноста на вашиот дома, преку многу достапни онлајн часови. Наша препорака е „Ајурведа Македонија“, каде покрај часови за јога, ќе најдете широк спектар и од други производи и услуги од областа на древната ајурведска медицина. Ќе имаат чудотворен ефект за вас, за истегнување на телото, за вашето здравје, за вашето расположение и за намалување на секојдневниот стрес.