Почетна » Кариера » На работното место » Лош шеф: Како да се справите?

Лош шеф: Како да се справите?

Сите мечтаеме да имаме добар шеф, кој ќе нè мотивира, ќе ни помага и ќе нè инспирира. Но, не сме сите толку големи среќнички. Ако и вие наидовте на лош шеф, пред да отворите војна со него, потребно е да разберете која е причината за неговото лошо, несоодветно однесување.

Зошто вашиот шеф е лош?

Лош шеф
Со лошиот шеф треба да се справите на правилен начин.

Некои шефови се лоши по природа, дури и во својот приватен живот. Многу често тие имаат проблеми во односите со другите луѓе и се чувствуваат несреќни. Сакаат да доминираат над другите и секогаш се потсмеваат со вработените кои се „под нив“.

Има и такви шефови кои не сакаат да бидат лоши. Често тие не осознаваат дека предизвикуваат дополнителен стрес кај своите вработени. Дури сметаат дека сè што прават е правилно и дека се добри лидери.

За да ја изберете точната стратегија за справување со вашиот шеф, потребно е да знаете што го предизвикува неговото несоодветно однесување, со кое си ја заслужува етикетата „лош шеф“.

Унапреден поради погрешни причини. Многу често во нашата држава се случува да добиете шеф, кој воопшто нема познавања од областа во која работи и не знае како треба да биде добар лидер. Политичките или роднинските врски си го прават своето, а вие лесно можете да завршите со неподготвен шеф, кој се прави нешто што не е.

Отсуство на фидбек. Многу шефови не знаат многу работи, затоа што никој не се осудува да им ги каже. Овој тип шефови не сакаат да слушаат совети или препораки од своите вработени, а со тоа ја уништуваат комуникацијата и не добиваат фидбек. Тие сметаат дека се добри лидери и дека не треба ништо да променат, затоа што никој им ја нема кажано вистината.

Намалување на комуникацијата „лице во лице“. Во денешно време, најголем дел од комуникацијата во фирмите се прави по електронски пат. Кога вашиот шеф сака да ја зголеми комуникацијата, тој праќа почесто e-mail. Отсуството на директен контакт, создава бариера во разговорите и разбирањето. Таа грешка на шефовите, води до нивен лош однос со вработените.

Микроменаџмент. Вашиот шеф сака да биде дел од секој детаљ и секоја одлука во компанијата, без разлика колку незначајна е таа. Можеби тоа е поради некој негов пропуст во минатото, кој не сака повеќе да си го дозволи. Затоа сега постојано „ви виси над главата“ и се разлутува секогаш кога ќе пропуштите да го информирате за нешто.

Лош карактер. Некои шефови едноставно се лоши и во нивниот професионален и во нивниот личен живот. Тие уживаат кога има некој над кого имаат авторитет и власт и го искористуваат тоа. Овој тип на шефови се најлоши, затоа што дури и да се претставувате најдобро, тие никогаш нема да бидат задоволни и да го променат однесувањето кон вас.

Постојат уште многу различни причини, кои го прават вашиот шеф лош, но сега поважно е да научите како да се справите со тој проблем.

Совети за да се справите со лошиот шеф на добар начин

Листа на задачи
Организирајте ги вашите задачи по важност.

Поставете приоритети на задачите. Направете список со сите задачи кои ви се дадени. Во тој список вклучете го и времето и ресурсите, кои ви се потребни за да ги завршите тие задачи. Подредете ги по важност и покажете му го тој список на вашиот шеф. Побарајте негово согласување.

Ако во меѓувреме добиете нова задача, консултирајте се со вашиот шеф, за тоа каде спаѓа по приоритет новата задача. Така и вие ќе си ја олесните работата, ќе бидете поорганизирани, а во истото време нема да му давате причина на вашиот шеф да се однесува лошо кон вас, заради тоа што доцните со исполнувањето на некоја задача.

Дознајте што вашиот шеф очекува од вас. Не претпоставувајте што се очекува од вас, а дознајте. Затоа што може да се случи вие да мислите дека проблемот не е кај вас, а всушност да биде.

Воспоставете еднаков стил на работење. Сите шефови ја процесираат информацијата на различен начин. Некои се „слушачи“ и сакаат усно да ги информирате за сè, затоа што сакаат да поставуваат многу прашања. Други пак се „читачи“ и сакаат да им ја поднесете информацијата во писмена форма, за да имаат време да ја процесираат и потоа да се сретнете да ја дискутирате. Ако знаете каков стил на работење има вашиот шеф, можете да се прилагодите кон него и да ги избегнете непријатните, напрегнати разговори.

Покажете почит. Без разлика како вашиот шеф стигнал до тоа работно место и без разлика дали одговара за таа позиција или не, вие треба да покажете почит кон него. Сепак, тој е над вас и вашата финансиска сигурност зависи главно од него. Само ако имате почит кон него, можете да очекувате тој да ви врати со иста мера.

Не го критикувајте и потценувајте пред колегите. Често вашиот шеф може да не е толку упатен во работите како вие. Но, никогаш не треба да си дозволите да го потценувате заради тоа и индиректно да го понижувате пред другите колеги, затоа што така тој го губи авторитетот и сето тоа може да падне врз вас. Кога имате совет или предлог или кога сакате подобро да му ги објасните работите, не се правете паметни пред другите колеги, а направете го тоа кога сте насамо. Така тој нема да се чувствува подолу, а вие ќе ја придобиете неговата доверба.

Кога овие совети не ви помагаат и вашиот шеф не го подобрува својот однос кон вас, тогаш време е да прекинете да бидете жртва и активно да преземете нешто.

Разговарајте со вашиот шеф. Никогаш не започнувајте го разговорот, ако не сте насамо. Изберете удобно време и разговарајте отворено со него, но со почит. Посочете примери кога вие сте се чувствувале неудобно поради неговото однесување и како тоа влијае на исполнувањето на вашите обврски. Доколку вашиот шеф е професионалец, ќе ве сфати и ќе се обиде да ви го образложи неговото однесување. Исто како што може да ги подобри, овој разговор може да ги влоши вашите односи, затоа внимавајте како ќе му пристапите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.