Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Суво и болно грло – како да си помогнете?

Суво и болно грло – како да си помогнете?

Опаѓањето на температурите го означува почетокот на периодот на настинките и распространувањето на грипот. Повеќето луѓе во текот на есенските и зимските месеци ќе почувствуваат раздразнетост и гребење на грлото и/или болка при голтање и зборување.

Причините за појава на зацрвенето, суво и болно грло може да се најразлични, од вируси и бактерии, до иритација предизвикана од ниска влажност или загадување на воздухот, викање, дишење преку устата поради затнат нос и пушење.

Добрата вест е што во повеќето случаи болката и непријатното чувство на гребење и сувост одминуваат брзо и не претставуваат сериозен здравствен проблем.

Жена со болно грло пие чајТоплите пијалаци ги ублажуваат болките во грлото

Кога да се обратите на лекар?

Најголем број од случаите на болно грло се резултат на вирусна инфекција, како настинка или грип. Кога болното грло е предизвикано од вирус, брзо исчезнува, и тоа само со домашна нега. Многу е важно во ваквите случаи да не се користи лекување со антибиотици, затоа што тие не се ефективни. Во многу поретки случаи причинител на болното грло може да биде бактериска инфекција, чие лекување е со помош на антибиотици.

Болното грло обично доаѓа заедно со други симптоми како затнат и растечен нос, главоболки, малаксаност и кашлица, односно симптомите на обична настинка.

Побарајте помош од вашиот матичен лекар доколку: имате покачена температура над 38 степени, крајниците ви се отечени или црвени, имате бели дамки на грлото или задниот дел на јазикот, имате отечени жлезди на грлото, ви се појавила болка во увото или ако болното грло ве измачува подолго од една седмица.

Домашна нега на болно грло

Најчесто домашната нега е сосема доволна за ублажување на иритирачката болка и чувството на сувост и гребење. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да го надминете овој проблем:

  1. Правете гаргара со топла солена вода. Во една чаша со топла вода додајте една лажичка сол. Користете го растворот за гаргара неколку пати дневно, при што ќе ја исплукувате течноста.
  2. Гаргара со сода бикарбона и сол. Во чаша со топла вода растворете половина лажичка сол и половина лажичка сода бикарбона. Правете гаргара на секои 2-3 часа.
  3. Пијте топли течности. Топлите чаеви и супи можат да го омекнат болното грло и да го намалат гребењето. Ако болките во грлото се проследени со затнат нос, топлите пијалаци можат да ви бидат од голема корист затоа што ќе ви го олеснат дишењето.
  4. Топла лимонада со мед. Во топла вода додајте сок од еден лимон и засладете со лажица мед. И медот и лимонот се препорачливи при појава на болно грло.
  5. Лук. Поради своите антибактериски својства, лукот помага и во превенцијата од грип и настинка и во ублажувањето на симптомите.
  6. Одмарајте го гласот. Зборувајте со низок тон и воздржете се од напрегање на гласните жици, како викање или пеење.
  7. Останете 5 минути во бањата по туширањето. Истуширајте се со топла вода, а потоа останете барем пет минути во бањата. Пареата ќе го омекне грлото и ќе го отстрани чувството на гребење кое често резултира со кашлица.
  8. Не пушете и избегнувајте ги просториите во кои се пуши. Пушачите често страдаат од суво грло, бидејќи вдишувањето на чадот од цигарите ја надразнува слузокожата на устата и грлото. Доколку страдате од болно грло, потребно е да го прекинете пушењето, а ако не сте пушач, да се заштитите од пасивното пушење.
  9. Не чистете со силни средства. Додека имате проблеми со грлото, не чистете со средства со силна миризба или со средства кои се користат со помош на распрскување. Чистењето на прозорците може да почека за откако ќе се почувствувате подобро.
  10. Дишете преку нос. За да не го надразнувате грлото, дишете преку носот, особено кога сте надвор на ладно. Ако ве измачува затнат нос и тоа е причината поради која дишете преку устата, користете капки или спреј за нос.
  11. Шмукајте тврди ментол бонбони. Бонбоните ќе го зголемат лачењето на плунка и ќе ја одржат влажноста на грлото за да се намали раздразнувањето. Внимание: не им давајте тврди бонбони на мали деца, затоа што постои ризик од задушување.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20794 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.