Ринитисот е многу честа состојба, која влијае на квалитетот на животот на голем број на луѓе. Постојат два вида на ринитис: алергиски и неалергиски (вазомоторен).
Алергиски ринитис
При алергиски ринитис, имунолошкиот систем погрешно идентификува супстанца како „напаѓач“ а која всушност е безопасна. Оваа супстанца се нарекува „алерген“. Имунолошкиот систем реагира на алергени со лачење на хистамин и хемиски медијатори кои обично предизвикуваат симптоми кои ги засегаат носот, грлото, очите, ушите, кожата и устата.
Алергискиот ринитис во зависност од типот на алерген може да биде сезонски или повеќегодишен.
Сезонскиот алергиски ринитис (поленска треска) е речиси секогаш предизвикан од присуството на полен во воздухот. Тој може да се појави во различни периоди од годината.
Алергискиот ринитис кој пак е предизвикан од алергени присутни во затворен простор, како што се: првут (суви слоеви на кожа), животинска плунка, мувла, остатоци од прашински грини и остатоци од лебарки/бубашваби, се нарекува повеќегодишен алергиски ринитис, бидејќи симптомите се присутни во текот на целата година.
Понекогаш алергиски симптомите можат да предизвикаат и надразнувачи како што се чад и силни мириси или промени во температурата и влажноста на воздухот. Тоа е така бидејќи алергискиот ринитис предизвикува воспаление на носната обвивка, што ја зголемува чувствителноста на супстанциите што се вдишуваат.
Многу луѓе кои страдаат од алергиски ринитис се склони и кон алергиски конјунктивитис односно алергија на очите. Дополнително, алергискиот ринитис може да ги влоши симптомите на астма кај оние кои ги имаат двете состојби.
Неалергиски ринитис
Најмалку еден од три лица со симптоми на ринитис нема алергии. Неалергискиот ринитис обично ги погодува возрасните и предизвикува симптоми во текот на целата година, особено назален исцедок и затнатост/конгестија. Оваа состојба се разликува од алергискиот ринитис бидејќи имунолошкиот систем не е вклучен.
Во Жан Митрев Клиника се достапни испитувања за дијагностицирање на вашата состојба и на располагање ви стојат лекари кои ќе ви помогнат во решавањето односно ублажувањето на симптомите.
Закажете го вашиот термин на 02 3091 484