Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Модерниот начин на живот, клучен фактор за појава на алергиски заболувања

Модерниот начин на живот, клучен фактор за појава на алергиски заболувања

Д-р Биљана Иванова-Димчева
Институт за белодробни заболувања кај деца – Козле


Алергиите се сериозен здравствен проблем со значаен ефект врз квалитетот на животот. Алергиите на храна ја достигнаа својата кулминација последните 10 до 15 години и постепено станаа сериозен здравствен проблем кој еволуира во т.н. втор бран на алергиската епидемија. Сè уште не постои јасна причина за овој драстичен пораст. Алергиските заболувања обично се поврзуваат со модерниот начин на живеење. Д-р Биљана Иванова-Димчева, Институт за белодробни заболувања кај деца Козле, зборува за алергиите на храна кај децата и нејзиното стручно познавање на оваа проблематика надградено во болницата „Бамбино Гесу“ Италија.

Болницата „Бамбино Гесу“ во ИталијаБолницата „Бамбино Гесу“ во Италија

Алергиите се сериозен здравствен проблем со значаен ефект врз квалитетот на животот. Првиот голем бран на респираторни алергиски болести – астма и алергиски ринитис, го започна својот полет пред повеќе од 50 години. Сензибилизираноста со аероалергени стана толку честа особено во развиените западни земји, што скоро половина од популацијата на пример во Австралија имаше манифестни симптоми на алергиски ринитис во некој период од својот живот.

Алергиите на храна ја достигнаа својата кулминација последните 10 до 15 години и постепено станаа сериозен здравствен проблем кој еволуира во т.н. втор бран на алергиската епидемија. Сè уште не постои јасна причина за овој драстичен пораст. Алергиските заболувања обично се поврзуваат со модерниот начин на живеење. Во теориите за причините за нивната се поголема присутност се повеќе фактори како: зголемената хигиена на живеење, начин на исхрана, промени во цревната флора, антиоксиданси, дефицит на витамин Д3, загадување и т.н.

Алергиите стартуваат во детската возраст, а нутритивните алергии се една од првите манифестации. Се проценува дека со алергија на храна се засегнати 6-8% од децата помали од десет години (дури 8-10% деца помали од 3 години). Кај возрасните застапеноста е околу 3-4%.

Алергиите на храна во детството имаат значаен удел во општата перцепција за здравје во семејството, имаат емотивен импакт врз родителите, а носат и лимитираност во социјалните активности на фамилијата. Дете со алергија на храна значи потреба од алтерации во подготвувањето на оброците, посебно внимание во друштвените и училишните активности, зголемена свесност за можни скриени предизвикувачи, а сето тоа придонесува за зголемено ниво на стрес во семејството.

Застапеноста на алергиите на храна е најголема во првите неколку години од животот на децата. За среќа најголем број од нив ја надраснуваат својата алергија до петтиот роденден. Скоро сите деца со алергија на кравјо млеко ја манифестирале истата во тек на првата година со постепен развој на толерантност кај 75 % до крај на третата година. Но, околу 35 % од овие деца развиваaт друг вид на алергија на храна. Децата со други алергиски болести се повеќе склони кон развој и на овој тип алергија.

Алергијата на храна често се манифестира со комбинација на симптоми односно со засегнатост на повеќе органски системи. Симптомите може да се локални (на пример само во устата) или генерализирани (уртикарија-копривњача); се разликуваат од човек до човек. Еден ист вид храна предизвикува различен вид реакција кај различни луѓе; симптомите кои се веќе присутни кај еден болен можат да се променат. Алергиските реакции обично започнуваат неколку минути или часа по внес на предизвикувачот, но кај многу осетливи луѓе дури и само допир или мирис на одредени видови храна може да предизвика реакција.

Дијагнозата може да е лесна, очигледна, но и комплексна, со посветеност и ангажираност во подолг временски период, потреба од соработка на високо ниво. Во секој случај крајниот резултат треба да е јасен , прецизен за да се одбегнат непотребни диети и трошоци.

Основен третман е елиминација на причинителот од исхраната, но ова е некогаш полесно да се каже отколку да се реализира - голем дел од храната е индустриски обработена комплексна, содржи голем број адитиви и можни причинители; елиминацијата може да е тешко остварлива, иритирачка за цело семејство, скапа; потребно е многу труд, желба за менување на навиките, планирање на оброците. Во секој случај неопходна е тесна соработка со лекарот, доверба и трпение. Посебни мерки за обука на пациентите или родителите се преземаат кога реакцијата е тешка и по живот загрозувачка. Доколку елиминацијата не е доволна, постојат и други современи методи на контролирање на состојбата и подобрување на квалитетот на животот.

Со изградбата на новата клиника и стручните обуки во странство, до попрецизен и современ дијагностички приод

Институтот за белодробни заболувања кај децата - Козле во Скопје повеќе децении ги згрижува децата со респираторни и алергиски заболувања, овозможувајќи ги потребните анализи, правилниот пристап и долгорочното менаџирање односно следење на болните. Научните достигнувања и сознанијата за алергиите како болест на модерното време се во голем подем последниве години, што беше мотив за надградба на моите знаења и практично искуство во современиот педијатриски центар во Рим, Италија. Во рамки на проектот на Министерството за здравство, за дополнителна едукација на лекари-специјалисти престојував во болницата „Бамбино Гесу“ на одделот за алергологија под раководство на Д-р Алесандро Фиоки, кој е еден од водечките научници од оваа област во светот.

Овој престој ми овозможи осовременување на дијагностичкиот приод кон децата со сомнение за алергиска болест, правилна примена на достапните методи како лабораториски така и клинички, за што попрецизно и правилно откривање на проблемот кој е во основ на тегобите и воведување на нови постапки особено во областа на нутритивните алергии и алергискиот ринитис.

Искуството од овој престој овозможува примена на дополнителна современа терапија на алергиските болести кај децата, како што е специфичната имунотерапија која во светот одамна се применува.

Организација на работата на одделот на кој престојував ќе послужи како модел за организирање на работата на алерголошкиот кабинет и во новите простории во болницата која е во изградба и чие завршување со нетрпение го очекуваме и ние како медицински персонал и децата на кои им е неопходна нова детска болница за респираторни и алергиски заболувања.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.