Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Лош здив – како да го откриете и како да го победите?

Лош здив – како да го откриете и како да го победите?

Лошиот здив секогаш е посочуван како еден од најнепријатните и најодбивните проблеми. Тој предизвикува срам, вознемиреност и дискомфор при воспоставување на блиски контакти. За жал, лошиот здив е многу чест проблем со кој сите се имаат соочено во одреден период од животот. Добрата вест е што за него постојат едноставни решенија.

Жена со лош здивОдржувајте редовна орална хигиена и пијте многу вода за да го избегнете лошиот здив

Како да проверите дали имате лош здив?

Кога луѓето сакаат да проверат дали имаат лош здив, најчесто ги поставуваат дланките пред устата, дуваат во нив и се обидуваат да го помирисаат својот здив. Но, овој метод е бескорисен ако навистина сакате да го оцените вашиот здив.

За да добиете пореална претстава како другите го доживуваат вашиот здив, направете ги следните два теста:

  • Тест 1. Кратко притиснете го јазикот на зглобот на раката, а потоа почекајте околу 10 секунди за да се исуши плунката. Доближете го носот и вдишете. Доколку не ви мириса убаво, тогаш побарајте начин да си ја освежите устата. Ако пак го положите овој тест, тогаш преминете на наредниот.
  • Тест 2. Земете лажица и ставете ја длабоко во устата (колку што можете поназад кон грлото) и со неа изгребете го јазикот. Најверојатно на лажицата ќе има бела густа материја. Помирисајте ја и ќе добиете претстава како им мириса вашиот здив на луѓето околу вас.

Многу добар начин да утврдите дали имате лош здив или не, е да прашате некој многу близок пријател или член на семејството. Побарајте искрен одговор.

Особено е важно и КОГА ги правите тестовите за утврдување на миризбата на вашиот здив. Најдобро е да ги направите еден час по миењето на забите, се разбира ако не сте јаделе ништо во меѓувреме. Најлош период за проверување на здивот е наутро по будењето, затоа што утринскиот здив кај секого може да биде непријатен.

Како да се ослободите од лошиот здив?

Ги направивте тестовите за здив и утврдивте дека имате „миризлив“ проблем? Не се загрижувајте, затоа што постојат многу едноставни начини да ја освежите вашата уста и да го отстраните лошиот здив.

  1. Одржувајте ја оралната хигиена правилно и редовно. Храната која останува меѓу забите и бактериите кои се развиваат во устата, особено на задниот дел од јазикот, предизвикуваат лош здив исто како и расипаните заби. Затоа, правилната хигиена на устата е еден од најважните предуслови за свеж здив.
    • Четкајте ги забите со паста барем двапати дневно.
    • Четкајте го јазикот, горниот дел од усната празнина и внатрешната страна на образите.
    • Користете забен конец барем еднаш дневно за отстранување на храната и плакот кои се наоѓаат меѓу забите и кои тешко се отстрануваат со четка.
    • Добро мијте ги протезите или другите помагала кои ги ставате во устата.
    • Менувајте на четката за заби на секои 3-4 месеци.
    • Редовно посетувајте стоматолог.
  2. Пијте многу вода. Сувата уста е една од најчестите причини за појава на непријатен здив. Но, не треба да пиете сокови или кафе за да ја зачувате вашата уста влажна, туку вода. Водата ќе го минимизира присуството на бактерии, а освен тоа ќе го стимулира производството на плунка која служи како природен чистач на устата. Всушност, сувата уста е причината за непријатниот утрински здив. Во текот на спиењето производството на плунка се намалува скоро до половина, па како резултат на тоа се појавува лошиот здив наутро.
  3. Освежете се со гума за џвакање без шеќер. Гумите за џвакање ја зголемуваат количината на плунка во устата и го освежуваат здивот. Освен тоа, во голема мера ја чистат храната од забите, непцата и јазикот.
  4. Јадете цврста храна. Цврстите зеленчуци и овошни плодови природно ја чистат устата и го намалуваат присуството на бактериите кои ја создаваат непријатната миризба. Не го прескокнувајте консумирањето на јаболка, краставици, целер и моркови.
  5. Престанете да пушите, намалете ја консумацијата на кафе и алкохол. Ако не сакате здивот да ви мириса на пепелник, тогаш откажете ги цигарите. На никого не му е пријатно да разговара со пушач кој штотуку ја изгаснал цигарата. Кафето и алкохолот ја сушат устата и придонесуваат за појава на непријатен здив. Најдобро е кафето да го замените со чај, а консумирањето на алкохол да го сведете на минимум.
  6. Пијте јогурт, а стојте понастрана од лукот и кромидот. Јогуртот го зголемува присуството на добрите бактерии и го подобрува здравјето на устата. Од друга страна, кромидот и лукот се големи непријатели на пријатниот здив. Консумирајте ги само кога имате можност да ги избегнете блиските контакти со луѓето.
  7. Јадете магдонос. Излезете сте на вечера и ви треба освежување на устата? Изедете го магдоносот од вашиот гарнир. Тој веднаш ќе ви го подобри здивот.

Брза интервенција

Ако се најдете во ситуација да немате при рака четка за заби, ниту било какво средство за освежување на здивот, а почувствувате дека тој има непријатна миризба, нема простор за паника. Посетете WC и со помош на горните заби истријте го јазикот за да ги отстраните насобраните бактерии. Потоа, земете во устата една голтка вода и жабуркајте околу 15-20 секунди.

Ако овие совети не ви помогнат да го победите лошиот здив, посетете стоматолог за да го утврдите проблемот. Понекогаш зад лошиот здив може да се крие и болест како дијабетес, проблеми со џигерот, проблеми со варењето на храната, болести на белите дробови, инфекција на синусите и сл. Доколку ништо друго не ви помага, посетете доктор за да ја проверите вашата здравствена состојба.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20783 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.