Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Голема кашлица: Д-р Станислава Анѓелеска одговара на сите прашања за пертусис

Голема кашлица: Д-р Станислава Анѓелеска одговара на сите прашања за пертусис

Бројот на заболени од голема кашлица во Скопје е во пораст и денес достигна 141. Попладнево биле регистрирани уште три нови случаи.

Комисијата за заразни болести препорача засилување на инспекциските контроли во градинките за откривање невакцинирани деца, дигитална евиденција за сите вакцинирани деца, како тестирање за голема кашлица на територијата на целата држава.

Пертусис или голема кашлица е сериозна висококонтагиозна заразна болест предизвикана од грам негативната бактерија Bordetella pertussis.

пертусис

Прочитајте ги одговорите на најчестите прашања поврзани со пертусис или голема кашлица.

Начин на ширење на инфекцијата

Се пренесува по аеро-капков пат, односно со вдишување на воздух контаминиран со оваа бактерија од болно лице. Бактеријата се пренесува по капков пат преку скретите на мукозната мембрана на респираторниот систем од лицето кое е инфицирано и ги исфрла при кашлање, кивање, зборување. Помала е веројатноста за пренос на инфекцијата по индиректен пат – преку свежо контаминирани предмети од околината на болниот, каде што бактеријата може да преживее 3-5 дена. Индексот на контагиозност е многу висок околу 80%. Заразноста е најголема на самиот почеток од болеста, а може да трае и до 4 недели, бидејќи ги немаме оние карактеристични знаци на пертусис, а тоа се нападите на кашлица, за притоа да се посомневаме дека станува збор за пертусис.

Преносители на инфектот најчесто се повозрасната популација и адолесценти кои имаат лесна клиничка слика на инфекција на дишните патишта слична на настинка и поради тоа ја шират инфекцијата во околината без да знаат. Големата кашлица може да ја пренесат лица кои имаат блага форма на болеста или заразени лица кои нема никакви симптоми, а се носители на бактеријата. На таков начин најмалите, а тоа се доенчињата, може да се заразат од нивните родители, постаро братче или сестриче кои не знаат дека имаат голема кашлица, а при тоа се заразни.
Во популации каде што има висок процент на вакцинација, заболувањето како и смртноста од истото се многу ниски бидејќи со редовна вакцинација се заштитени највулнерабилните, а тоа се доенчињата и старите изнемоштени лица кај кои пертусисот има и најтежок тек и предизвикува и најтешки компликации.

Патофизиологија

пертусис

Бактеријата Bordetella pertussis е агресивна кон заштитниот епител на дишните патишта. По самото навлегување се врзува за цилиите на горните дишни патишта каде што се размножува, создава ендотоксини и активни биолошки супстанции кои се одговорни за понатамошниот тек на болеста. Со самото оштетување на заштитниот епител на респираторниот систем настанува оголување на рецепторите за кашлица кој доведува до спазматични напади на кашлица. Со напредување на болеста настануваат промени и на долните дишни патишта и појава на компликации, пневмонија, бронхитис, бронхиолитис кај доенчињата.

Клиничка слика на болеста

Инкубацијата на болеста најчесто трае од 7-14 дена, а понекогаш симптоми на болеста може да се појават и после 21 ден. Симптомите кај ова заболување зависат пред се од возраста на детето и од неговиот вакцинален статус, така што со најтешка клиничка слика и со висок степен на компликации се манифестира кај најмалите а тоа се доенчињата во првите 6 месеци од животот.
Текот на болеста се одвива во три стадиуми. Постарите деца и возрасните немаат јасни преоди од од еден во друг стадиум, клиничката слика кај нив е лесна, атипична наликува на една настинка. Поради тоа оваа група се и најголеми преносители на инфекцијата и на нив треба да се посвети особено внимание.

Прв стадиум

Првиот стадиум се нарекува уште и катарален стадиум. Овој стадиум е неспецифичен и се карактеризира со симптоми и знаци како и кај другите респираторни инфекции, поради тоа и многу тешко е да се открие болеста во овој период.
Симптомите почнуваат со грeпкање или болка во грлото, носна секреција, опструиран нос, кивање, нормална или лесно покачена телесна температура и кашлица која постепено се интензивира. Во овој стадиум болниот е најзаразен и многу брзо ја шири инфекцијата во околината.

Втор стадиум

Овој стадиум е најтежок и најдраматичен. Тука се случува таа интензивна и силна кашлица која може да трае 2-6 недели. Се карактеризира со тешки, брзи, нeнадејни и неконтролирани напади на кашлица. Детето во тек на едно вдишување до издишување кашла постојано што предизвикува појава на црвенило на лицето, насолзени очи, отворена уста, па дури и глад за воздух и цијаноза. На крајот на нападот детето брзо вдишува воздух со испуштање на карактеристичен звук сличен на звук од магаре поради што болеста народно се вика и магарешка кашлица. Овој напад на кашлица може да биде проследен со повраќање и со исфрлање на количина на слуз. Нападите на кашлица може да бидат предизвикани и при промена на температурата во околината, присуство на чад, како и при хранење на детето.
Најдраматична клиничка слика со кашлица е присутна кај доенчињата. Тој мал детски организам буквално се бори да внесе воздух помеѓу атаките на непрестајна кашлица.

Бактеријата која е причинител на оваа болест со својот токсин го уништува заштитниот епител на дишното стебло, доведува до оголување на рецепторите за кашлица, создавање на густ секрет кај доенчето кој не може со актот на кашлица да го отстрани. Кај нив покрај кашлицата настануваат и прекини во дишењето наречени апнеи. Во одредени случаеви кај доенчињата може и да не е присутна кашлица, да имаат само апнеи. Тие апнеи ако се чести и траат подолго време може да доведат до намален внес на кислород и цијаноза поради кои страда најосетливиот во овој период од животот , тоа е мозокот кај детето. Поради самата хипоксија и цијаноза може да настанат конвулзии, асфиксија и во најтешки случаи и смрт кај доенчињата и малите деца.

Трет стадиум

Третиот стадиум уште се нарекува и стадиум на рековалесценција или стадиум на заздравување. Ова е стадиум каде што се смируваат симптомите, се намалува бројот на напади на кашлица и самата кашлица е некарактеристична. Но поради силниот токсин што го лачи бактеријата Bordetella pertussis кој ја предизвикува и кашлицата, овој стадиум може да трае подолго време дури и до месец па и повеќе.

Компликации

Најчести компликации кои настануваат се асфиксија кај доенчињата, бронхопневмонија која може да биде и со лош исход, воспаление на средно уво, дехидратација, конвулзии. Поради тешките атаки на кашлица и големиот напор кои го вложува детето може да се јави крварење во мозочето, прскање на капилари во белката на очите, крварење од нос, мукозните мембрани и кожата. Исто така може на настане и воспаление и на мозочните структури кои што може да резултира со невролошки нарушувања.
Како резултат на тоа, голем дел од доенчињата захтеваат и хоспитален третман а дел од нив завршуваат и на одделите за интензивна нега и терапија каде што им е потребна и респираторна поддршка. Во одредени случаеви болеста може да заврши и со смртен исход.
Заради силината на кашлицата може да се јави папочна и ингвинална кила, ректален пролапс како и фрактури во пределот на градниот кош.

Како се поставува дијагноза

пертусис

Поставување на дијагнозата во тек на првиот стадиум е прилично тешко бидејќи клиничката слика се испреплетува со повеќе респираторни инфекти. Дури во вториот стадиум кога ќе се јави типичната кашлица, се поставува сомнение за пертусис.

Најбрза ДИЈАГНОЗА НА ГОЛЕМА КАШЛИЦА се поставува со Молекуларна детекција на Bordetella pertussis со Мultiplex Real Time PCR метода (полимеразна верижна реакција ) со кој се детектираат и мал број на копии на актуелната бактерија.
Во нашата Клиника имаме неколку типа на Респираторни панели кој со PCR метода се детектираат голем број на респираторни вируси и бактерии. Во сите овие панели е вклучена и бактеријата Bordetella pertussis. Овие PCR панели даваат резултати за кратко време за само неколку часа. Примерок се зема со брис од нос и грло.
Раното откривање и точна идентификација на респираторните патогени придонесува до навремена терапија, а со тоа и намалување на компликациите од заболувањето како и навремено спречување од нејзино ширење.

Терапија

Антибиотската терапија е третман на избор за големата кашлица. Антибиотици кои се користат се од групата на макролиди како што се азитромицин, кларитромицин, еритромицин. За да биде ефективен третманот лекувањето мора да започне во раниот стадиум на болеста односно во текот на првата недела или две, пред да се појават нападите на кашлање. Третманот со антибиотици може да го скрати заразниот период и да го намали ризикот од ширење на инфекцијата на други луѓе.
Профилакса со антибиотици се спроведува и кај членови од фамилијата кои имаат близок контакт со лице кое е заразено.

Превенција

пертусис

Најдобар начин на превенција од голема кашлица е имунизацијата!

Имунизацијата против пертусис се спроведува со комбинирани вакцини а тоа се следниве:

  • Hexaxim ( DTaP-IPV-Hib-HepB )
  • Pentaxim ( DTaP-IPV-Hib )
  • Tetraxim ( DTaP-IPV )

Според календарот на имунизација вакцинацијата започнува со навршени 2 месеци кај доенчињата, а продолжува на 4 и 6 месеци. Ова се нарекува уште и примоимунизација. Солидно ниво на заштита се постигнува со бустер дози односно со ревакцинација. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирање на примарната вакцинација, со давање на една доза Pentaxim на 18 месечна возраст. Втората ревакцина се дава на 7 годишна возраст односно во второ одделение.

Кај бремените жени се препорачува вакцинација во последниот триместар од бременоста (27ГН – 36ГН) со цел да има доволно временски период организмот на мајката да создаде доволна количина на заштитни антитела со кои ќе му овозможат доволна заштита на новороденото во првите 3 месеци до отпочнување на редовна имунизација.

Со редовна имунизација и опфатеност на децата повеќе од 95 % се овозможува да се постигне добар колективен имунитет, така што и да дојде до заразување со оваа бактерија инфекцијата ќе помине со полесна клиничка слика.

Вакцините го поттикнуваат имунолошкиот систем да создава антитела и на таков начин го подготвуваат организмот на детето да го препознае конкретниот вирус или бактерија со кои полесно ќе се избори.

Жално е што имаме болести кои биле искоренети, а сега почнуваме повторно да ги среќаваме, а при тоа постојат соодветни вакцини кои што може да ги заштитат децата. Останатите мерки на превенција спаѓаат во општите мерки за превенција кои се практикуваат и за сите респираторни заболувања.

Медицина

Д-р Станислава Анѓелеска
Специјалист по педијатрија
„Жан Митрев Клиника“ – Скопје

Жан Митрев

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20779 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.