Почетна » Здравје » Заболувања » Како да се ослободите од мигрената?

Како да се ослободите од мигрената?

Мигрената не е обична главоболка. Таа предизвикува многу силна болка најчесто во пределот на слепоочниците, челото и очите која може да трае од неколку часa до неколку денa. Освен тоа, мигрената може да предизвика чувствителност кон светлина и звук, вртоглавица, гадење, повраќање или проблеми со видот.

Жените многу почесто страдаат од мигрена во споредба со мажите. И децата се засегнати од ова непријатно заболување. Се проценува дека кај околу 5% од децата се појавува мигрена. По завршувањето на пубертетот, мигрената е почеста појава кај девојчињата отколку кај момчињата.

Жена со мигренаАко страдате од мигрена, најважно е да дознаете што точно ја предизвикува мигрената кај вас

Непријатните симптоми на мигрената се причина многу луѓе да не можат да ги извршуваат секојдневните обврски и тоа го прави овој проблем уште поголем.

Предзнаци на мигрената

Околу 20% од луѓето кои страдаат од мигрена пред појавата на првите симптоми добиваат знак во вид на аура. Тие може да гледаат светлина што трепка, брановидни линии или точки или пак да имаат замаглен вид.

Некои луѓе чувствуваат чуден мирис или вкус, често се проѕеваат и/или чувствуваат замор и напнатост во мускулите.

До 24 часа пред појавата на мигрена, некои луѓе може да забележат промена во расположението, т.е. да станат возбудени, раздразнети или депресивни.

Како да ја спречите појавата на мигрена?

Ако имате мигрена или пак познавате некој близок што има мигрена, тогаш добро знаете дека откако ќе започне главоболката многу малку можете да влијаете на нејзиниот интензитет, што значи дека важи изреката „подобро да се спречи, отколку да се лечи“. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да ја спречите појавата на мигрена:

  1. Дознајте што ја предизвикува мигрената кај вас. Ова е првиот и најдобриот совет што некој може да ви го даде кога станува збор за мигрена. Многумина успеваат да ја стават мигрената под контрола само преку избегнување на нештата кои ја предизвикуваат. Кај некои луѓе мигрената има еден причинител, но често мигрената се појавува како резултат на неколку фактори.

    Најефективен начин да откриете што ја предизвикува мигрената кај вас е водењето на дневник. Во текот на еден месец секој ден запишувајте што сте јаделе, временските промени, деновите од вашиот месечен циклус, вашето расположение, дневните активности и времетраењето и интензитетот на главоболките.

    Еве ги најчестите причинители на мигрената за кои треба да внесете податоци во вашиот дневник: консумирање на старо сирење, алкохол, чоколадо, кофеин, цитруси, сушено месо или риба, кромид, јаткасти плодови, солена храна; диета (прескокнување на оброци или постење); проблеми со спиењето (премногу или премалку спиење); стрес; депресија; замор; интензивна физичка активност; силни мириси; силни звуци; дехидратација; светлина (силна светлина или светла што трепкаат, на пример во дискотека); менструалниот циклус; временските услови.

  2. Следете ја временската прогноза. Повеќето од луѓето кои страдаат од мигрена сметаат дека одредени временски услови ја предизвикуваат појавата на силни главоболки. Големо истражување направено минатата година покажа дека кога станува збор за временските промени, зголемувањето на температурата е најголемиот проблем. Секое покачување на температурата со 5°C го зголемува ризикот од појава на главоболка со 7,5%. Други временски појави што ги зголемуваат шансите за појава на мигрена се: силна сончева светлина, висока влажност на воздухот, силен ветер, премногу сув воздух или значителни промени во воздушниот притисок.

    Нормално, не можете да влијаете на временските услови, но можете да преземете други мерки кои ќе го минимизираат ризикот од појава на мигрена. Кога ќе забележите во временската прогноза дека настапуваат промени, започнете да се храните поздраво, да спиете редовно по 7-8 часа и повеќе да се релаксирате.

  3. Избегнувајте ја храната која предизвикува мигрена. Ако веќе имате водено дневник, може точно да пронајдете која храна предизвикува мигрена кај вас. Еве кои продукти се најчесто поврзани со појавата на мигрена: чоколадо, црвено вино, пиво, старо сирење, авокадо, презреана банана, јаткасти плодови, семиња, свинско или месо од срна, соја и храна од соја (особено сос од соја), прекумерна консумација на кофеин.
  4. Хранете се редовно. Не ги прескокнувајте оброците и обидете се да се храните во истото време секој ден. Не практикувајте строги диети или небалансирана исхрана.
  5. Спијте редовно по 7-8 часа. Ако спиете премногу или премалку, тогаш си ги зголемувате шансите за појава на мигрена. Затоа, наместете го вашиот будилник да ве разбуди 7-8 часа по легнувањето. Исто така, многу е важно да спиете во темна соба.
  6. Вежбајте, но не претерувајте. Редовната физичка активност го намалува бројот на главоболки и интензитетот на болката. Сепак, не треба да претерувате и да го форсирате своето тело, затоа што интензивната физичка активност може да предизвика мигрена.
  7. Носете очила за сонце. Без разлика дали е лето или зима, препорачливо е да носите поларизирани очила за сонце. Одблесоците на сончевата светлина од вода, метал, стакло или снег може да бидат причинители на главоболка.
  8. Одете на масажа. Иако масажата директно не е поврзана со мигрената, релаксацијата од масажата ги опушта мускулите и ги спречува главоболките кои се предизвикани од напнатоста во мускулите.

Кога мигрената ќе нападне...

  • Легнете во темна соба. Релаксирајте се во тивка и темна соба. Би било добро ако можете да заспиете.
  • Ставајте топли или ладни облоги. Топлите облоги на главата и вратот ќе ви ги релаксираат мускулите. Од друга страна, ладните облоги со мраз го здрвуваат местото, па ќе ви ја намалат болката.
  • Масирајте ги областите каде што чувствувате болка. Нежно притискајте ги местата каде што чувствувате болка и масирајте ги. Побарајте некој да ви ги масира рамената и вратот за да се намали напнатоста.
  • Напијте се 1-2 кафиња или друг пијалок со кофеин. Кофеинот во мали количини може да ви помогне кога имате мигрена. Но, никако не консумирајте 4-5 кафиња затоа што тоа само ќе ви ја влоши состојбата.
  • Користете есенцијални масла. Мирисањето на есенцијални масла или премачкувањето со нив ќе ви помогне да се релаксирате. Особено препорачливи се маслото од лаванда, ѓумбир или пеперминт. Тие помагаат за олеснување на болката.

И најважно од сè – релаксирајте се. Минимизирајте го стресот, затоа што тој се смета за број 1 причинител на мигрена.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20959 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.