Почетна » Здравје » Заболувања » Депресијата кај жените

Депресијата кај жените

Депресијата е многу распространето заболување, особено меѓу жените. Проценето е дека секој петти човек страда од депресија во некој период од животот, а жените се двојно повеќе склони кон депресија отколку мажите. Овој факт е доволен за да ѝ посветиме повеќе внимание на оваа болест.

ДепресијаДепресијата е сериозна комплексна болест која влијае на вашето тело, мисли и расположение.

Што претставува депресијата?

Секој чувствува тага од време на време, но депресијата е многу повеќе од лошо расположение.

Депресијата е сериозна комплексна болест која влијае на вашето тело, мисли и расположение. Таа влијае на начинот на кој што јадете и спиете, на начинот на кој што мислите и на начинот на кој што се чувствувате. Влијае на вашиот социјален живот, односите со семејството и партнерот и на вашата кариера.

Некои од симптомите кои се појавуваат при депресија се: постојана тага, апатија, чувство на беспомошност и безвредност, немање на интерес за практикување на секојдневните активности, загуба на апетит, зголемување или намалување на телесната тежина, инсомнија или хиперсомнија, загуба на енергија, проблеми со концентрацијата, физички симптоми како болки по телото (главоболка, болка во стомакот, мускулите или вратот), па дури и појава на мисли за самоубиство.

Ако страдате од депресија, тоа не значи дека ќе го имате секој симптом, а плус тоа и интензитетот на симптомите варира од човек до човек.

Зошто депресијата се појавува почесто кај жените?

Депресијата е позастапена меѓу жените, особено кога тие се во репродуктивна возраст. Научниците постојано прават истражувања за да дадат објаснување зошто се случува тоа. Досега е познато дека некои биолошки, социјални, културни и психолошки фактори влијаат на почестата појава на депресија кај жените.

Експертите веруваат дека жените се посклони кон депресија поради честите промени на нивоата на хормоните во текот на нивниот живот. Овие промени се најголеми во текот на пубертетот, бременоста и менопаузата. Исто така, варирањето на хормоните во телото кај жените се случува секој месец како резултат на менструалниот циклус, па тоа е уште една дополнителна причина која влијае за појавата на депресија.

  • Пубертетот. До адолесценцијата, момчињата и девојчињата се изложени на ист ризик за појава на депресија. Но, во пубертетот тоа се променува и од тој момент жените стануваат посклони кон депресија. Поради фактот што девојчињата порано влегуваат во пубертет од момчињата, тие можат да бидат засегнати од депресија на порана возраст.
  • Месечниот циклус. Иако научниците сè уште не ја имаат установено точната врска помеѓу депресијата и менструалниот циклус, поточно предменструалниот синдром (ПМС), тие сметаат дека варирањето на хормоните како естроген и прогестерон влијае врз функцијата на хемикалиите во мозокот кои го контролираат расположението (серотонин). Овие промени настапуваат кај сите жени, но депресијата се појавува само кај дел од нив. Токму тоа ги наведува научниците на мислењето дека многу други фактори влијаат врз појавата на депресија кај жените.
  • Бременоста и раното мајчинство. Кога се бремени, жените се посклони кон депресија. Значителните промени во нивоата на хормоните особено влијаат врз расположението. По породувањето, кај многу жени ситуацијата со депресијата се влошува. Мнозинството жени тогаш чувствуваат тага, лутина, раздразливост и постојано плачат, но тоа е нормално. Сепак, кај 10% од жените се појавуваат симптоми како неспособност за грижа за бебето, вознемиреност, ниска самодоверба, мисли за самоубиство, мисли за да го повредат бебето и сл. Тоа се симптоми на т.н. постнатална депресија.
  • Менопаузата. Кај жените кои се во периодот пред менопауза се зголемува ризикот од појава на депресија. Тој период варира од 2-8 години и се нарекува перименопауза. Тогаш и во периодот на раната менопауза се зголемува промената на нивоата на хормоните во телото на жените. Особено опаѓа нивото на естроген.

Други фактори кои придонесуваат за појава на депресија кај жените:

  • Наследност. Ризикот за појава на депресија се зголемува ако некој во семејството имал симптоми или добил дијагноза на депресија.
  • Загуба на блиска личност. Загубата на родител пред 10-годишна возраст може значително да ги зголеми шансите за депресија.
  • Премногу обврски. Најчесто денес жените и работат и се грижат за најголем дел од домашните обврски. Многу жени истовремено гледаат деца, работат и се грижат за своите постари родители, па сето тоа ги прави посклони кон депресија.
  • Сексуално, физичко или психичко малтретирање. Поголем дел од жените кои страдаат од депресија се во брак и се жртви на физичко или психичко малтретирање. Жените почесто стануваат жртви и на сексуално малтретирање, па тоа ги става во многу понеповолна положба, во споредба со мажите.

10 совети кои ќе ви помогнат во борбата против депресијата

Ако кај себе ги препознавте симптомите на депресија или веќе ви е дадена таква дијагноза, еве неколку совети кои ќе ви помогнат да си ја олесните состојбата.

  1. Не се изолирајте. Депресијата често создава чувство на срам и многумина се изолираат за да не бидат исмејувани од другите. Но, таквата изолација може да ја влоши ситуацијата. Затоа, останете во контакт со најблиските пријатели и семејството и не се плашете да побарате медицинска помош.
  2. Не се обвинувајте себеси. Вие не сте виновни за појавата на депресија. Обвинувајќи се може да ги влошите симптомите.
  3. Не донесувајте важни одлуки. Кога сте во депресија, можно е да не сте во состојба да донесувате добри одлуки, затоа што не размислувате јасно.
  4. Побарајте помош. Воопшто не треба да чувствувате срам поради депресијата. Уште кога ќе ги забележите првите симптоми, побарајте помош од стручно лице. Ако вашите симптоми се умерени, најверојатно ќе може да ви помогне матичниот лекар. Но, доколку состојбата е посериозна, тој ќе ве прати кај специјалист.
  5. Спијте доволно. Еден од симптомите на депресијата е инсомнијата или хиперсомнијата. За да ги избегнете тие проблеми со спиењето, важно е да си создадете здрави навики за спиење. За најголем дел од возрасните, 8 часа сон се сосема доволни.
  6. Хранете се здраво. Едно од најновите истражувања во оваа област, спроведено во Мелбурн, покажа дека нездравиот начин на исхрана е виновен за појавата на депресија кај жените. Според резултатите, кај жените кои консумираат нездрава мрсна храна ризикот за појава на депресија се зголемува со 50%. Балансираната исхрана е особено важна не само во борбата со депресијата, туку и за целосното здравје.
  7. Не консумирајте дрога или алкохол. Алкохолот и дрогата можат да го забават вашето оздравување. Тие можат да ја зголемат депресијата и да го намалат дејството на лековите против депресија. Отстранувајќи ги овие пороци од вашиот живот, вие си ги зголемувате шансите за побрзо оздравување.
  8. Вежбајте. Физичката активност ќе ви помогне да се чувствувате подобро и позадоволни од себе. Изберете си активност која ви носи задоволство и обидете се да ја практикувате во група или со пријател за поддршка.
  9. Поставете си помали цели во животот. Депресијата предизвикува недостаток на енергија, па затоа тешко ќе можете да остварите нешто големо. Постигнувањето на малите цели ќе ве мотивира и ќе ви даде желба да продолжите напред.
  10. Информирајте се. Депресијата не е нешто што не можете да го надминете. Исто како и за повеќето болести, така и за депресијата постојат ефективни начини за лекување. Колку повеќе знаете, толку повеќе си ги зголемувате шансите за побрзо оздравување.

Депресијата е сериозна болест која треба да се лекува. Ако чекате да исчезне сама од себе, ризикувате да си ја влошите состојбата.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.