Почетна » Здравје » Заболувања » 9 знаци и симптоми на Алцхајмерова болест

9 знаци и симптоми на Алцхајмерова болест

Деменцијата претставува хроничен органски психо-синдром кој се карактеризира со пропаѓање на интелектуалните функции како способноста за запомнување, расудување, решавање на проблеми, апстрактно мислење, просторна и визуелна проценка, како и вербалните способности. Постојат повеќе причини за појава на деменција, но најчесто се јавува во склоп на некое од невродегенеративните заболувања, во прв ред Алцхајмеровата болест.

Алцхајмеровата болест е невродегенеративно прогресивно заболување кое се карактеризира со пропаѓање на менталните функции. Во почетната фаза на болеста често се јавува дилемата дали конкретните промени се резултат на Алцхајмерова болест или се должат на нормалниот процес на стареење.

Следната листа на знаци и симптоми ќе ви помогне да ја разрешите таа дилема и ќе ви покаже дали треба да побарате стручна медицинска помош:

Алцхајмерова болест
  1. Губење на меморијата. Поради стрес, презафатеност или расеаност, сите понекогаш забораваме одредени имиња или податоци и најчесто тоа не треба да нѐ загрижува. Но, доколку лицето често заборава информации кои неодамна ги научило, заборава значајни датуми и настани на кои подоцна во текот на денот не може да се присети, или пак повеќепати прашува за една иста информација, може да станува збор за почетна фаза на Алцхајмерова болест. Како што напредува болеста, така нарушувањето на меморијата се продлабочува.
  2. Проблеми при извршување на вообичаени активности. Лицата кои страдаат од Алцхајмерова болест често имаат тешкотии при изведување на секојдневни активности кои претходно ги извршувале самостојно без проблеми. Во понапредна фаза од болеста, проблемите се поизразени, па личноста која е афектирана од Алцхајмер не знае како да се облече или да го подготви својот омилен оброк.
  3. Нарушување на способноста за размислување и правилно расудување. При Алцхајмерова болест често е нарушена способноста за правилно расудување и донесување на разумни одлуки. Всушност, станува збор за губење на способноста за проценка на различни фактори, кои би требало да се земат предвид пред да се донесе одредена одлука. Личност која цел живот била претпазлива со парите, може да започне да троши неразумно за предмети кои воопшто не ѝ се потребни, да им дава пари на непознати лица или да не плаќа редовно сметки.
  4. Проблеми со интерпретација на визуелни слики. Во одредени случаи на Алцхајмерова болест може да се јават и проблеми со видот како: неможност да се процени оддалеченоста или големината на одреден предмет, тешкотии при читање, проблеми при разликување на боите итн. Доколку е нарушена способноста за перцепција, пациентот може да не го препознава сопствениот лик во огледало. Сепак, треба да се спомене дека нема простор за загриженост ако проблемите со видот се резултат на катаракта или друго офталмолошко заболување.
  5. Проблеми при зборување и пишување. Луѓето кои страдаат од ова заболување може да имаат проблеми со следење или водење на разговор. Тие најчесто не го довршуваат започнатиот разговор, застануваат и немаат идеја како да продолжат понатаму или го повторуваат она што го кажале претходно. Може да се јават и проблеми со вокабуларот, како употреба на погрешни зборови или неможност да се пронајде соодветниот збор. Пример: Не можејќи да се сети на зборот пижами, лицето го објаснува со други зборови – облека која се користи за спиење.
  6. Проблеми со ориентација во време и простор. Луѓето кои страдаат од Алцхајмер често имаат проблем со ориентација во време и простор, па така не можат да го одредат датумот или годишното време, а во одредени случаи залутуваат, бидејќи забораваат каде се наоѓаат, како дошле на тоа место и како да се вратат дома.
  7. Поставување предмети на невообичаени места. Поставување предмети на невообичаени места, губење на предмети, а потоа неможност за присетување каде би можеле да бидат, крадење или обвинување на други лица дека крадат, се карактеристики типични за однесувањето на лица болни од Алцхајмер. Нормално е едно лице понекогаш да заборава каде си ги оставило очилата, но не е нормално да ги остава на места како во фрижидер или во шкаф за обувки, а исто така не е нормално ако обвинува други луѓе дека му ги крадат или намерно му ги кријат личните нешта.
  8. Повлекување од социјални активности. Како што напредува болеста, заболените од Алцхајмер се откажуваат од своите хобија, друштвените активности и работата и избегнуваат контакт со други лица.
  9. Промени во расположението и однесувањето. При Алцхајмерова болест, лицето може нагло да го менува расположението без да има причина за тоа, а може и да дојде до промена на карактерот. Неретко лицата се растревожени, параноични, сомничави, збунети или уплашени или лесно се вознемируваат на места каде претходно им било пријатно. Се проценува дека околу 40% од лицата со Алцхајмерова болест страдаат од депресија.

Посочените промени некои лица со Алцхајмерова болест сами ги забележуваат кај себе, но честопати први ги увидуваат нивните пријатели или роднини. Во секој случај, неопходно е да се побара лекарска помош.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.