Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Дали сте жртва на крадец на позитивната енергија?

Дали сте жртва на крадец на позитивната енергија?

Сакале или не, луѓето што нè опкружуваат влијаат на нас. Некои се толку позитивни што и цел ден да го поминете во нивна близина ќе ви изгледа како да поминал само еден час, затоа што како зараза шират добро расположение и со леснотија го бркаат песимизмот и мрачните мисли. Од друга страна, постојат и такви луѓе кои ве истоштуваат и ви ја „цицаат“ енергијата до толкава степен што со душа чекате да се оддалечат од вас.

Тажна женаНекои луѓе без многу труд можат целосно да ве исцрпат и да ве остават нерасположени

Психички/енергетски/емоционални вампири

Сигурно сте слушнале за вампири кои пијат крв и сте ги виделе само на телевизискиот екран во популарните филмови. Но, има еден друг тип вампири кои веројатно сте ги сретнале во вистинскиот живот, а се нарекуваат со различни термини како психички, емоционални или енергетски вампири.

Ваквите „вампири“ се луѓе кои свесно или несвесно се „хранат“ со вашата енергија, ентузијазам и елан и ве оставаат слаби, депресивни, беспомошни и уморни. Тие без многу труд ви ја намалуваат самодовербата преку моќта на разговорот и ви го влошуваат расположението само со помош на своето присуство.

Можеби тоа е ваша пријателка која вечно е во љубовна каша и нејзините проблеми никогаш не добиваат решение, туку само растат и растат. Можеби тоа е ваш колега кој никогаш не ве поздравува со насмевка, туку со поплаки и озборувања. Можеби тоа е ваш роднина кој вечно има критики за вашето однесување, или пак, можеби тоа е ваш познајник кој живее совршен живот и непрекинато ви ги фрла неговите успеси в лице.

Знаци дека сте жртва на „вампирски напад“

Вампирите за кои зборуваме напаѓаат психички, убивајќи го расположението и позитивните емоции. Понекогаш нивното негативно влијание е очигледно и со умисла започнувате да ги избегнувате, но понекогаш ефектот од нивниот „напад“ е прикриен.

Жена вампир

Последиците од „вампирскиот напад“ може да се појават уште додека сте под директно влијание на напаѓачот или откако тој ќе се оддалечи од вас. Еве дел од последиците:

  • нервоза, вознемиреност и деконцентрација;
  • негативност;
  • целосна исцрпеност и поспаност;
  • чувство на лутина;
  • намалена самодоверба;
  • главоболка.

На пример, треба да се сретнете со ваша пријателка на кафе. Вие скоцкани од глава до пети пристигнувате со широка насмевка, а таа доцни 15 минути, доаѓа намуртена и започнува да ги „плука“ таксистите, жешкото време, досадниот комшија, бившиот дечко, ноќниот живот... И, пред да се свестите, поминал еден час, а вие немате кажано ниту една реченица, расположението ви слезе до нула и немате сила да се борите да добиете збор. Се разделувате со пријателката, сè уште не можете да си ја вратите насмевката и чувствувате дека ве напаѓа главоболка. Тоа е типичен ефект на енергетските вампири.

Но, пред да ја ставите вашата пријателка во категоријата „лоши луѓе“, добро е да знаете дека таа можеби не е свесна дека ви го причинува сето тоа. Постојат „вампири“ кои напаѓаат со умисла и такви кои несвесно ги исцрпуваат другите.

Најчести типови емоционални вампири

Не е лесно да ги идентификувате емоционалните вампири во вашиот живот затоа што сите се под различна маска и со различни тактики на напад. Но, постојат неколку најчести типови кои д-р Џудит Орлоф, истакнат психијатар кој се прослави со своите теории на оваа тема, смета дека се насекаде околу нас.

  • Жртва. „Само мене може да ми се случи ова“ – ќе слушнете од нив. Тие постојано се жалат и секогаш имаат нерешливи проблеми, а милионите совети кои ги упатувате на нивна адреса остануваат неслушнати. Ако не се жалат за работата, се жалат за партнерот. Ако не се жалат за тешкиот живот, се жалат дека не се чувствуваат добро. Тие ќе ви всадат во главата дека животот е неправеден, тежок и полн со проблеми и ќе ја украдат насмевката од вашето лице.
  • Нарцис. „Јас ова, јас вака, јас онака...“ – ваквите луѓе обожаваат да зборуваат само и единствено за себе. Кога не зборуваат за успешната кариера, жешкиот љубовен живот или активниот друштвен живот, тие ги убиваат сите ваши разговори кои не се вртат околу нив. Тие сметаат дека се најталентирани, најработливи, најуспешни... Без разлика на вашите способности и успеси, по средбата со нив ќе се чувствувате несреќно и ќе се сомневате во своите постигнувања.
  • Критичар. По средбата со критичар веројатно ќе останете со ниска самодоверба. Тој малку по малку ќе ве пецка со критики, а по секоја критика ќе ви вели дека се шегува. По критиката „Гледам убав живот имаш, си ставила некои килце“, ќе следи „Само се шегувам“.
  • Сезнајко. Ваквите луѓе за сè имаат одговор, а за секој ваш проблем го нудат најдоброто решение. Google може да им носи вода. Мора да ги послушате затоа што никој не знае повеќе од нив. „Знаеш ли што треба да направиш“ е честа нивна реченица. По средбата со нив ќе се чувствувате инфериорно, бидејќи тие обожаваат да доминираат и да ги контролираат другите и нивните животи.

Луѓето кои можат да се наречат „вампири“ користат оружја како поплаки, критики, озборувања, омаловажувања, кавги. Бидејќи е невозможно целосно да ги исклучите од својот живот, најдобра тактика за одбрана е да ги ислушате, но да си ограничите времето со нив. На таква личност можете да ѝ кажете: „За десет минути морам да одам...“. Така ќе ве измачува само кратко време и ќе можете лесно да се опоравите.

Не дозволувајте да ве испровоцираат и останете смирени. Приоѓајте им со насмевка и на секој нивни зајадлив коментар возвраќајте со позитивни зборови.

Сепак, најважниот момент останува идентифицирањето на луѓето кои ве исцрпуваат. Откако ќе дознаете кој ви ја краде енергијата и доброто расположение, лесно ќе можете да се заштитите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19765 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.