Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » Како да комуницирате на јазикот на мажите?

Како да комуницирате на јазикот на мажите?

Мислите дека зборувате на ист јазик со вашиот партнер? Помислете повторно. Иако мажите и жените отсекогаш живееле заедно, недоразбирањата меѓу нив најчесто се појавуваат затоа што вербално и невербално комуницираат на различен начин.

Па така, често од женските усти слушаме „Мажите се глупави, ништо не разбираат“, а мажите константно се жалат дека жените никогаш не престануваат да зборуваат и дека се очекува од нив да знаат да читаат мисли.

Маж и женаМажите и жените комуницираат на различен начин

За навистина да бидете слушнати од страна на мажите, потребно е да ги знаете основните разлики во комуникацијата на мажите и жените, кои не ги прескокнал ниту Џон Греј во неговиот бестселер „Мажите се од Марс, а жените од Венера“:

  • Жените потскажуваат, мажите се директни. Мажите не се глупави, само се едноставни. Тие не се обидуваат да читаат што им велите меѓу редови. Научени се да комуницираат директно, без заобиколување, па истото го очекуваат од вас. Затоа сигналите кои жените ги праќаат до мажите често остануваат непрочитани. На оној што ви се допаѓа му велите „Колку убаво што утре е петок, само што немам никакви планови за вечерта“ и очекувате тој да се сети да ве покани да излезете заедно. На партнерот со молчење се обидувате да му потскажете дека не ви посветува доволно внимание. Не очекувајте тој да ви ги чита мислите и да знае што сакате без вие да го кажете тоа јасно и гласно.
  • Кога имаат проблем, жените прво бараат сочувство, а мажите – решение. Кога една жена има проблем, таа го кажува за прво некој да сочувствува со неа и да ја охрабри, а потоа да ѝ понуди решение. Кога еден маж има проблем, тој го споделува за соговорникот да му понуди решение, а можеби потоа да покаже дека сочувствува со него. Затоа, кога жена ќе сподели проблем со маж, тој може да го прескокне делот со сочувствувањето, па често се раѓаат расправии кои започнуваат со зборовите: „Ти си нечувствителен, не знаеш како ми е...“
  • Кога се изнервирани, жените бараат личност на која ќе ѝ кажат сè што им тежи на душа, а мажите сакаат да се релаксираат во тишина. Кога жената е под стрес, нејзиниот партнер треба да ја ислуша и да ѝ поставува прашања кои ќе ја поттикнуваат да зборува за да ја намали нервозата што ја има во себе. Но, кога еден маж е под стрес, тој не сака некој да стои над неговата глава и да го прашува „Зошто? Како? Што?“, туку сака да се релаксира во тишина.

Имајќи ги овие работи во предвид, еве неколку совети кои ќе ви помогнат поефективно да комуницирате со претставниците на посилниот пол:

  1. Бидете специфични за она што го сакате и очекувате од него. Не вртете одоколу за да стигнете до поентата на разговорите. Ако премногу филозофирате, може уште веднаш да го изгубите неговото внимание, за возврат да добиете само кимање со главата и ризикувате вашата порака да се изгуби меѓу непотребните зборови.
  2. Не му зборувајте додека гледа натпревар, чита весник или игра на компјутер. Мажите се скарани со мултитаскингот. Не треба да се изненадувате што тој заборавил дека денес сте на роденден кај вашата пријателка ако тоа сте му го кажале додека пополнувал ливче за спортска прогноза. Сакате да ве слушне? Привлечете го целосно неговото внимание.
  3. Не го анализирајте премногу она што го кажуваат мажите. Не мора да читате меѓу редови во зборовите на мажите. Најчесто нивните пораки се директни и јасни, во нив нема скриени „подпораки“, а доколку премногу ги анализирате, може да правите проблеми од ништо. Не се измачувајте со прашања од типот „Што сакаше да ми потскаже кога ми рече...?“
  4. Заборавете ги SMS-пораките, јавете му се. Сакате да му кажете нешто важно? Не користете пораки, туку кренете го телефонот. Пишаниот збор може да се протолкува на различни начини и да изникнат недоразбирања без причина. Освен тоа, мажите многу помалку сакаат да комуницираат преку пораки отколку жените.
  5. Имајте јасни граници што треба да излезе во јавност, а што да остане меѓу вас. Друштвените мрежи станаа место за флертување, делење на комплименти, фалење, расправање, раскинување... Мажите во минатото се нервираа кога жените споделуваа сè со своите пријателки, денес се нервираат кога случки од нивната врска стануваат дел од „ѕид“ до кој имаат пристап сите пријатели, познаници и роднини. Тој сигурно не би сакал сите да знаат какво романтично изненадување ви приредил вчера, дека сте имале непријатна расправија, дека во врската ви се меша неговата бивша, дека сте љубоморни на комплимент од друга. Зачувајте ја приватноста за да ја зачувате врската. Колку повеќе се отворате, толку повеќе луѓе ќе ви се мешаат.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.